Turlitava.com

Фестивал на чај, лекјовити билки и есенцијални масла

Во организација на Платформата за истражување и промоција на природата и културата „Nature Expedition“ и Скопје Сити Мол, од 17 до 19 ноември ќе се одржи „Фестивал на чај“, под слоганот „Ослободете ја моќта на билките“.

На тридневниот фестивал на чајот на кој ќе се претстават 30-тина учесници, посетителите ќе имаат исклучителна можност да дегустираат и купат чаеви и да дознаат повеќе за добрината на природата, традицијата и културата и моќта на лековите билки од професионалци за ароматични билки и есенцијални масла.

На штандовите, покрај комерцијални македонски и странски брендови и гости од Кина, во најголем дел ќе се претстават поединци во чиј фокус се чаевите, ароматичните билки, пчелните производи и есенцијалните масла.

Фестивалот е фокусиран на природната медицина – лековитите билки, од кои се подготвуваат чаеви, есенцијални масла и сапуни, препарати за здрав живот, мевлеми и чајни колачи од билки, понатаму шумски плодови, мармалади и чаеви со тартуфи. Посебен простор е резервиран за пчелни производи, како природниот мед, козметика од мед и пчелни производи за поздрав живот. Неколку уметници и ракотворци ќе го дообојат фестивалот со рачно изработени чајници и филџани за чај. Посетителите ќе имаат можност да добијат и совети за поздрав живот од производителите на чаеви и есенцијални масла од ароматични и лековити билки.

На фестивалот е предвидено и учество на институти, факултети и институции. Институтот Конфуциј при УКИМ ќе понуди уникатно искуство и ќе ја презентира традиционалната церемонија и дегустација на кинески чаеви, а деца, кои го изучуваат кинескиот јазик ќе изведат кинески танци.

Со едукативно катче ќе се претстави Ботаничката градина при ПМФ од Скопје и студентите од ИДСБ (Истражувачко друштво на студенти биолози), кои ќе ги презентираат македонските билки, науката и младиот потенцијал биолози. Во научното катче, децата и возрасните ќе можат заедно со ИДСБ да истражуваат хербариуми и инсектариуми и преку бинокулар (стереоскопски микроскоп) да ја погледнат димензијата на минијатурните семиња.

На настанот се приклучуваат и Национални Шуми на Р.С. Македонија со презентација и едукативен дел за македонските шуми, екологијата и потенцијалите.

Децата ќе имаат прилика да уживаат со ликовите на славните книги за природата, во креативно едукативно катче „Сказнувалка“, водено од професионални едукатори од областа на детската литература, креативноста и уметноста.

Негувањето на традицијата на чајната култура и здравите навики, размената на искуства, поголемата едукација за природата, екологијата и поврзувањето на човекот со природата е нужна цивилизациска придобивка. Во некои земји, чајот е повеќе од пијалак. Тој е ритуал кој има лично и општествено значење. Во македонската култура, моќта на билките е длабоко присутна во традицијата, а посетителите ќе можат да ја вкусат природната добрина на билките, кои ги хармонизираат умот и телото.

Exit mobile version