Turlitava.com

Денеска е Тодорова сабота или Тодорица

Тодорова сабота или Тодорица/Тодорија е православен христијански празник кој се слави во првата сабота од велигденските пости, односно првата сабота по Прочка. Оваа сабота е последниот ден од Тодоровата недела. Тодорова сабота или Тодорица се смета за празник на приврзаноста кон велигденскиот пост.

Оваа сабота е празник посветен на Светиот Великомаченик Теодор Тирон, кој настрадал во прогоните на христијаните од страна на римскиот цар Максимилијан. Овој ден се празнува во спомен на едно чудо што го направил св. Теодор Тирон околу 50 години по смртта.

Јавувањето на Св. Теодор Тирон и укажувањето на подлите намери на царот Јулијан Отстапник биле повод да се востанови празникот Тодорова Сабота, што се празнува во првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка.

Иако Тодорова сабота е црковен празник, а на тоа упатуваат повеќето обичаи што се изведуваат во црквата, сепак, на овој ден се изведуваат и повеќе обичаи кои очигледно водат потекло од многу постари времиња.

Многу од обичаите поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Во повеќе краишта на Македонија тогаш во црквата се носи т.н. Тодорички леб или Тодоречка погача. Во црквата лебот се става во чинија врз која има варена пченица и пченка и бидејќи лебот во средината има дупка низ неа се забодува свеќа која што се запалува. Подоцна откако свештеникот ќе отпее молитва и ќе го благослови лебот и другите продукти свеќата се гасне под мишка и се чува цела година за лекување разни болести и за одврзување магии. Во црквата од лебот се раздава „за мажо здравје”, „за воловско здравје”, „за коњско здравје” итн.

На овој ден младите изведувале и повеќе обичаи со кои сакале да дознаат кој е нивниот иден брачен другар. Тоа го правеле на следниов начин: Во крпчиња врзувале варена пченица и пченка и три пати ја префрлале преку олтарот од црквата. Потоа вечерта пред спиење ја ставале под перницата, заедно со првиот касај добиен во црквата „за мажо здравје”. До креветот ставале и дуле полно со вода за кое го врзувале појасот кој со другиот крај го ставале под перницата. Притоа наречувале: „Кој ми е речен да ми дојде на мостов, да помине по појасов, да го видам во сонот”.

На овој ден се вари пченица во која се додава малку мед и оние кои постат задолжително јадат од тоа.

Денес именден празнуваат: Тодор, Тодорка, Божидар, кој доаѓа од Тео, што значи Бог и дар.

Exit mobile version