Денеска се празнува големиот христијански празник Рождество на Пресвета Богородица или познат како Мала Богородица кој е еден од 12те големи празници во православието кој го слави раѓањето на Богородица.
Богородица е родена во Назарет од стари и бездетни родители, благочестиви Јоаким и Ана како одговор на нивните молитви. Се слави на 8 септември според јулијанскиот календар или на 21 септември според грегоријанскиот календар.
Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат со молитва да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.
Култот на Пресвета Богородица има значајно место кај македонскиот народ. Многу цркви што го носат нејзиното име се изградени по соништа, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја.