Turlitava.com

Денеска е Богојавление – Водици, крштевањето на Исус Христос, кога се воспева моќта на Крстот

Денеска, народот го празнува Водици – Богојавление, еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.

Празникот Богојавление се однесува на настанот на Христовото крштевање во реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител, кој уште се вика и Претеча што значи претходник. Тој со своето учење одел пред Исус, што значи му претходел на Исус и затоа е наречен Претеча. Св. Јован го повикувал народот на покајание и му кажувал дека е дојдено времето кога ќе се појави Спасителот на Светот. Притоа луѓето ги крштевал со вода и им кажувал дека тој што ќе дојде по него ќе ги крсти со Свет Дух. „Јас ве крштевам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ременчињата на обувките Негови. Он ќе ве крстеи со Дух Свети и со оган.“ (Лука, 3/16)

Овој настан се нарекува Боголавление (Епифанија – јавување). Во почетокот на празнувањето на Богојавление, во овој празник биле слеани повеќе спомени, меѓу кои и Раѓањето Христово. „Во четвртиот век празниците биле одделени, така што Христовото раѓање било пренесено на 25 декември, на денот кога паганите го празнувале богот на Сонцето, а христијаните го празнуваат Сонцето на правдата.“

Крштевање значи потопување. И гусарите кога планирале да потопат некој брод велеле ќе го крстиме. И крштевањето се изведува преку потопување во водата. На тој начин верникот излегува од водата измиен од гревовите. „Според Јован Дамаскин Христос се крсти за да ги уништи главите на демоните во водата, бидејќи постоело сфаќање дека демоните живеат во водата; за да го измие гревот и да го погреба целокупниот стар Адам во водата, за да го освети Крстителот затоа што не го освети Претечата Христа туку Христос го освети Претечата, кога последниов ја стави својата рака врз Христовата глава; за да го исполни законот; затоа што Он Самиот го даде и не требаше да испадне негов престапник, за да ја открие тајната на Света Троица, бидејќи во тој час имаме јавување на Света Троица; за да стане образец на нашето крштение коешто е совршено крштение и се врши со вода и Дух Свети.“

Со своето крштевање во реката Јордан Исус ги освети водите. И денес на денот Богојавление се извршува осветување на водите „Така по осветувањето водата престанува да биде вода на падот и станува вода на обновување, бидејќи се соединува со несоздадената благодат Божја“.

Именден празнуваат: Богдан, (значи даден од Бога) Богдана, Божана, Бојан, Бонка, Богомил (значи мил на Бога), Јордан, Данчо, Јорданка, Данка, Даница, Дарин, Јован, Јованка, Јонко, Јонка, Јоана…

Exit mobile version