Turlitava.com

Честит 8-ми септември – Денот на независноста!

Денот на независноста, 8-ми Септември е празникот со кој се одбележува раѓањето и се слави опстојувањето на независна и суверена Македонија.

Под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ денеска со повеќе активности во организација на Владата, се одбележува Денот на независноста – 8 Септември.

Свечената академија ќе се одржи во Македонската филхармонија во Скопје. Свеченоста ќе започне со изведба на македонската химна од страна на детски хор, по што ќе биде прикажан видео спотот „Везилка“ која вклучува оригинална изведба на песната од Блаже Конески.  Програмата ќе продолжи со изведби на дела од македонски автори поврзани со оваа тематика од страна на државниот џез оркестар.

Во рамките на свеченоста ќе биде прикажан и специјално подготвен пригоден видео спот од прославата на независноста кое вклучува архивски материјали од Референдумот во 1991 година.

На крајот од свечената програма, со говор ќе се обрати Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Настанот, како што најавуваат од владината прес-служба, е дел од пошироката иницијатива на Владата за подигање на свеста за значењето на независноста и заедничката борба на граѓаните за подобра иднина.

Пред 33 години на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава. Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија. Важни чекори за утврдување на државноста беа усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година, монетарното осамостојување и  воведувањето на денарот на 26 април 1992, формирањето на сопствени вооружение сили. Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, беше примена како 181. полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија.

Exit mobile version