Turlitava.com

Започна снимањето на долгометражниот игран филм „На сè ќе дојде крај“ на Рајко Грлиќ

На 19 септември 2023г., во Загреб започна снимањето на долгометражниот игран филм „На сè ќе дојде крај“ на режисерот Рајко Грлиќ, кое ќе трае до крајот на октомври оваа година. Како ко-сценаристи се потпишуваат писателот Антe Томиќ и Рајко Грлиќ, а филмот е во продукција на Интерфилм од Хрватска.

Rajko Grlik film23 e1696367802328
Сцена од снимањето на филмот „На сè ќе дојде крај“ (фотографија: Марко Мишќевиќ)

Приказната на филмот го следи успешниот загрепски адвокат кој се судира со моќен клиент, поради што губи сè. Сепак, тој не се откажува…

„Драго ми е што, како мој последен филм, снимам љубовна приказна, длабоко навлезена во хрватската реалност“, изјавува Рајко Грлиќ.

Претходниот проект на Рајко Грлиќ и Анте Томиќ „Уставот на Република Хрватска“ стана најнаградуваниот хрватски филм на сите времиња. Покрај фестивалскиот успех, овој филм постигна значајни резултати и во кината низ регионот, по што влезе во успешна дистрибуција во Европа и Северна Америка.

Во филмот „На сè ќе дојде крај“ играат: Живко Аночиќ, Јелена Ѓокиќ, Борис Исаковиќ, Јанко Поповиќ Волариќ, Емир Хаџихафизбеговиќ, Срѓан Граховац, Катарина Бистровиќ Дарваш, Ксенија Маринковиќ, Марина Реџеповиќ, Ангела Недјалкова, Анита Шмит, Дорис Шариќ Кукуљица, Синиша Ружиќ, Дејан Ѓонковиќ, а гостување во филмот има и македонскиот актер Петар Арсовски.

Продуцент на филмот е Иван Малоча, а интернационалната авторска екипа ја сочинуваат: директор на фотографија Бранко Линта, композитор на музиката Дуке Бојаџиев, мајстор за звук Момчило Божков, сценограф Жељка Буриќ, костимограф Морана Старчевиќ и мајстор за маски Ана Булајиќ Чрчек.

Покрај главниот продуцент „Интерфилм“ од Загреб, во реализацијата на филмот учествуваат: „РРФ Интернешнл“ од Бугарија, „Октавијан“ од Босна и Херцеговина, „Саудаде филм“ од Турција, „Вест енд продукција“ од Србија, „АБХО“ од Црна Гора и „Веда Филм“ од Северна Македонија.

Филмот е поддржан со средства од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Exit mobile version