Turlitava.com

Во недела ќе се одржи 8. издание на меѓународниот фестивал на етнографски филм – ЕТНОФФ

На 25.09 (недела) во Кинотеката на Македонија со почеток од 12ч ќе се одржи 8то издание на фестивалот ЕТНОФФ, меѓународен фестивал на етнографскиот филм. Од Непал, преку Таџикистан до Исланд и Португалија, па потоа повторно во Скопје, на ова издание ќе бидат прикажани 14 етнографски филмови.

Етнографскиот филм е важен документ за општественото секојдневие, постојано некаде помеѓу документарец и истражување, тие се нашата можност да ѕирнеме во она што не дефинира како човештво. На овој фестивал ќе можат да се видат филмови кои зборуваат за „Хималајското злато“, печурка која вирее и се бере во најодалечените Непалски Хималаи, зошто близнаците се симбол за несреќа во Мадагаскар и која е општествената „казна“ за тоа, приказ на занаетчиството преку рацете и работата на повозразен пар на хрватските острови, но и домашни, локални приказни претпочени во визуелен приказ.

Фестивалскиот ден ќе биде поделен на два филмски блока, едниот со почеток во 12ч, а другиот со почеток во 16:30ч. По завршувањето на проекциите со почеток од 20:30ч фестивалот ќе биде затворен со музичка програма со настап на групата Чалгии Мерак. Влезот на фестивалот е бесплатен.

Целта на овој фестивал е да овозможи простор каде овој тип на филм ќе и се презентира на јавноста а преку тоа да се осознае и неговата важност, но и да инспирира. Исто така, ваквите фестивали се полезни за да се покаже дека формата и содржината на етнографскиот филм може да биде особено флуидна и да се презентираат нови пристапи кон етнографското истражување и документирање.

Exit mobile version