Turlitava.com

„Украс” – самостојна изложба на Марјана Костојчиноска Узунчева

Изложба на Марјана Костојчиноска Узунчева, насловена “Украс” ќе биде отворена вечер во 19:30 часот во Музејот на град Скопје.

На отворањето на изложбата ќе се обрати директорот на Музејот на град Скопје, Панче Велков а изложбата ќе ја отвори претседателката на ДЛУМ, Јана Манева Чупоска.

Во текстот за каталогот за изложбата на Анита Бошкова Доковска, виш кустос во Музеј на град Скопје, и куратор на изложбата, најновиот креативен подвиг на ликовната уметница Костојчиноска Узунчева отелотворен во комплексната и повеќеслојна за интерпретација просторна инсталација насловена “Украс” отвора низа актуелни прашања во врска сo позицијата и третманот на жената денес и родовата (не)еднаквост, посебно во конзервативни и патријархални општества.

Инсталацијата се состои од навидум секојдневни предмети кои претставуваат своевиден визуелен код, како дел од нашето етнолошко богатство и културна традиција, но, додава таа, групирани и транспонирани на овој начин и во овој контекст се лишени од баналност и добиваат сосема поинаква, поширока димензија и симболика.

-Делото е интригантно и според концептот и според реализацијата и начинот на собирање на предметите кои Костојчиноска Узунчева ги инкорпорира во инсталацијата, главно декоративни предмети кои биле составен дел од нечиј невестински мираз (чеиз), до нивната моќна симболика и универзалната, недвосмислена порака која тие ја носат. Секој од овие предмети поседува своја посебна и/сторија која истовремено е и лична, интимна но и колективна и на некој индиректен, имплицитен начин зборува за жените кои ги создале, употребувале, ги дале или добиле како наследство, лично или како дел од некоја семејна историја, некогаш долга и со децении, пренесувана од колено на колено. Исто така, интересен е и начинот на кој сопственичките на истите ги отуѓиле, се разделиле од нив, односно моментот кога од нивниот личен, интимен музеј, овие предмети станале дел од друга поголема приказна, изложени сега и овде, во вистински музеј, вели кураторката Бошкова Доковска.

За инспирацијата за својот најнов проект, Костојчиноска Узунчева ќе каже дека „оваа состојба на жената која постојано мора да ја докажува својата вредност во општеството е навистина исцрпувачка.

-Да се бори да биде платена исто како своите колеги мажи или мора да преговара за своето право на трудничко боледување, е приказна која не завршува. Овој судир трае, постои и е видлив во секој дел од општеството. Прашањето е дали ќе има преврат на овие вредности? Дали е ова последната револуција? Или акцијата продолжува?, вели уметницата.

Изложбата и каталогот за изложбата се реализирани со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Изложбата ќе биде поставена до 9 јуни, во Музеј на град Скопје.

Exit mobile version