Контрапункт во рамки на својата едиција за критичка теорија, политичка филозофија и современа култура „Пунктум“, која произлезе од платформата за критичка култура КРИК, ја објавува својата прва книга од македонски автор.
Во вторник, со почеток во 19 часот во Национална галерија „Чифте амам“ ќе се одржи промоцијата на книгата на Артан Садику, провокативно насловена „Субјект(ивна) политика“.
Промоцијата ќе биде во формат на дијалог помеѓу Артан Садику и Славчо Димитров кој е водечкиот теоретичар во сферата на критичката теорија, родовите и квир наративите. Артан Садику е еден од најмаркатните, исклучителните промислувачи на општеството, граѓанинот, новите форми на отпор и поинаквите, отстапувачки и неретко радикални форми на заедницата. Тој и како мислител и како човек се движи по често опасните рабни предели на политичкото, копнеејќи по општество кое нема да биде кастрирано од своите утопии. За Садику теориското никогаш не е само сув академски и епистемолошки меур туку е апликативна арматура врз која неизоставно мора да се изгради животот.
Во својата книга „Субјект(ивна) политика – кон ново поле на политичкото“, Артан Садику преку премислување на основните политички парадигми на денешницата се соочува со предизвикот да се изнајдат одговори на епистемиолошките и онтолошките прашања кои се поврзани со процесот на субјективизацијата, со актот на препознавање на вистинскиот настан, со предизвикот на субјективно отклонување од системското наложување, преку воспоставувањето на ново поле на политиката. Садику ги развива своите размисли за политиката во линија на теориите на дискурзивната анализа кои се воспостваени од страна на голем број современи филозофи како Фуко, Бадју, Ларуел, Колозова, Алтисер, Лакло, Муф, Делез, Гатари, Терборн, Жижек, Лакан, но и поодамнешни автори како Маркс, Русо, Фројд и други. Сето тоа без конкретно присвојување на само една одредена теорија туку преку вмрежување на аналитичките методи и пристапи.
Книгата претставува широко поле на итердисиплинарна и комплексна анализа кој спојува неколку полиња како социологијата, филозофијата и антроплогијата преку кои на одреден проблем му се пристапува во целата негова комплексност.
Теоретскиот предизвик на „Субјект(ивна) политика – кон ново поле на политичкото“ од Садику се состои во обидот да се даде придонес преку постоечките теоретски размислувања во истражувањето дали денеска е можно политичко субјективизирање на граѓаните кое би овозможило воспоставување на ново поле на политиката и културните динамики во општеството. Практиките претставуваат главен предизвик за анализирање на оваа можност преку испитување на воспоставените политички концепти и преку анализирање на потенцијалноста за таква субјективизација на исклучените граѓани и на маргинализираните (социјални, сексуални и други) заедници.
Седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура започна во јуни, 2022 година и се одвиваше во неколку сесии на тема „Во постојан отпор“. Програмски уредници се Искра Гешоска и Артан Садику. Учесници на седмото издание на фестивалот беа: Нејтан Браун, Синтија Мичел (Канада), Билал Јилмаз (Турција), Лидија Хаѕиоану (Грција), во соработка со Тииит! Инк, Шејла Камериќ (Босна и Херцеговина), Петар Милат (Хрватска), Станимир Панајотов, Ангел Симитчев, Мартин Луканов, Иван Шентов (Бугарија), Феликс Фалцук, Јохана Хершел (Германија), Сезгин Бојник (Косово/Финска), Бен Вотсон (Велика Британија), Милица Пекиќ (Србија), Славчо Димитров, Никола Маџиров, Ивана Хаџиевска, Владимир Јанковски, Елизабета Шелева, Ивана Драгшиќ, Тамара Ристовска и други (Македонија).