Turlitava.com

Се отвора изложбата „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ на Дритон Селмани во МСУ – Скопје

На 4 ноември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена самостојната изложба „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ на Дритон Селмани од Косово. Куратори на поставката се: Владимир Јанчевски, Ива Димовски и Благоја Варошанец.

Селмани е еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници, а наградата подразбира реализација на самостоен проект во МСУ – Скопје.

Презентирајќи разновидност и сајт-специфична интервенција во просторот на МСУ-Скопје, изложбата на текстуални дела, објекти и видео се обидува да воспостави нови релации во дадениот контекст, јасно покажувајќи ги начините на кои Селмани духовито користи специфична форма на хумор за да го истражи и преиспита секојдневието, коешто обично се врзува за апсурдни традиции и хиерархиски структури. Делата се фокусираат на различни прашања од нашата несигурна современост, почнувајќи од популарната култура, до доминантните дискурси на моќта, кои ги обликуваат нашите животи и ги преиспитуваат историските наративи, стереотипите, чувството на припадност и исклученост.

„Историјата на МСУ-Скопје, како симбол на солидарноста е многу важна за мене. Идејата за тоа како „солидарноста“ може да опстане во вакви времиња и да биде платформа за прикажување и на мојата уметничка практика е фантастично искуство за мене. Изложбата содржи уметнички дела, фокусирани на различни прашања од нашата современа состојба. Многу ме интересира препознатливоста на секојдневието, најчесто врзанa за апсурдни традиции и хиерархиски структури, како што се популарната култура и доминантните дискурси на моќта. Па така, се обидувам да ја пренесам оваа состојба на умот во уметнички дела, кои несвесно содржат хумор, како критика на она што веруваме дека е дефинитивно“, вели Селмани.

Неговите дела се конструирани како имагинарен дијалог, со публиката, но и со самиот себе, како серија куси изјави или реторички прашања, отворајќи нови перспективи за нашето разбирање на себството, за заедничкото и за различните аспекти на современиот живот.

Насловот на изложбата јасно покажува како Селмани користи неочекувани сопоставувања и иронија – извртување на берберска изрека, со референца на стих на едно од неговите омилени поетски дела, „Туѓинецот“ (L’Etranger) од Шарл Бодлер. Тој ги бара и ги наоѓа точките, каде што јазикот се прекршува, каде што отвора јаз, пукнатина меѓу нештата, зборовите и новоконструираната слика, трансформирајќи го познатото во зачудна уникатна ситуација, а потоа повторно се враќа од фикциското кон разбирање на секојдневието.

Интервенирајќи во областа на јазикот, од старата народна мудрост до поезијата и детските песни, практиката на Селмани ги допира стравовите, неволјите и грижите што ги изразуваат обичните луѓе.

Дритон Селмани (Урошевац, Косово / 1987) работи и живее во Приштина и Догановиќ.  Магистерските студии ги завршил на Универзитетот за уметност во Бурнемут, Велика Британија. Досега има изложувано на самостојни и групни изложби (во Стационарниот центар за современа уметност Приштина, Музејот „Лудвиг“ во Будимпешта, „Кунстраум Нидеростерајх“ Виена, „Каса Контемпоранеа“ Сао Паоло, Медитеранско Биенале 16 Анкона, У10 Белград, 5-то Биенале во Маракеш, Фестивалот на светлината во Амстердам, „Фабрика дел Вапоре“ Милано, Биеналето во Брегенц, „Ексчиесета“ Полињано-а-Маре, Национална уметничка галерија Тирана, Центар за современа уметност Солун, Еугстер || Белград, Фестивалот на светлината во Норкепинг, Кунстмузеум Базел, како и на 14. Манифеста во Приштина, 2022).

Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Р.С. Македонија и ќе биде отворена до 25 февруари 2023 година.

Портрети нa Селмани  Фото: Блерим Рацај

Дела:

  1. Велат дека не можеш да држиш две лубеници во една рака, 2012

С-принт на алуминиум

Фотографија: Блерим Рацај

2. Нашето минато е наша заедничка иднина, 2019

(од циклусот „Љубовни писма“ (2018-до денес)

Акрилик на пластична ќеса

Фотографија: Рилинд Беќа

3. Надежи и стравови, 2021

Објект (скроено палто и метален сталак)

Фотографија: Душко Миљаниќ

Exit mobile version