Годинашната тема „Будења“ ги потикнува младите уметници да ги изразат своите размислувања, дилеми, не/сигурност, не/согласувања и амбиции, на прагот пред нивното осамостојување и напуштањето на комфорната зона при соочувањето со личните и општествени промени.
На 6 април (четврток), во 20 часот ќе биде отворено 14.Биенале на млади уметници со наслов „Будења“ (Awakenings) во Музејот на современата уметност – Скопје.
Куратори на изложбата се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски.
На изложбата ќе земат учество 38 млади уметници од земјава и од странство: Џем А (Германија), Ујхази Адриен (Унгарија, Србија), Шофу Вонг (Австралија), Милена Галици (Италија, Белгија), Габриеле Гандини (Италија), Елена Гелева (Р.С.Македонија), Ринор Даути (Косово), Надица Дојкоска (Р.С.Македонија), Серхат Емрулаи (Р.С.Македонија), Клелија Живковиќ (Р.С.Македонија), Ана Јовановска (Р.С.Македонија), Јован Јосифовски (Р.С.Македонија), Аријана Кадиќ (Црна Гора), Јулија Кастелучи (Р.С.Македонија), Лумтурие Крашники (Косово), Наџа Крачуновиќ (Србија), Герта Ксаферај (Албанија), Милан Кујунџиќ (Србија), Ана Лехбаумер (Австрија), Ана Ликар (Словенија), Јулија Манојловска (Р.С.Македонија), Симона Манчева (Р.С.Македонија), Николо Масини (Италија), Фатима Моалим (Шведска), Малина Монча (Романија), Сара Мускалу (Романија),
Јана Николовска (Р.С.Македонија), Жозефин Остлунд (Шведска), Чади Реда (Швајцарија), Ананда Серне (Норвешка), Ива Станковска (Р.С.Македонија), Сара Танасковиќ (Србија), Игор Таневски(Р.С.Македонија), Славица Танеска (Р.С.Македонија), Мануел Този (Австрија), Ана Трајковска (Р.С.Македонија), Јируи Фанг (Италија) и Риџет Ферати (Р.С.Македонија).
„Годинашната тема „Будења“ се осврнува кон процесите на соочување и мечтаење и има за цел да ги поттикне младите автори да ги изразат своите размислувања, не/сигурности, не/согласувања, не/задоволства, мечти и амбиции при соочувањето со личните и општествените промени. Темата на Биеналето има за цел да го истражи и претстави процесот и промената, дејството и почетокот – оттаму, будењата како одговор на прашањата: Како младите уметници кои излегуваат од границите на семејството и образовната институција се соочуваат со општествените проблеми и предизвици? Што прават младите кога ќе се разбудат во свет во кој не се заштитени како порано? Како сонуваат во свет кој по тригодишна изолација конечно ги отвора вратите за уметничко изразување и дејствување?. Напуштањето на комфорната зона при завршувањето на образованието или осамостојувањето од семејството, почетокот или промената на кариера или пак наметнатите околности, кои произлегоа од глобалната пандемија и рестрикциите, го носат во себе аспектот на двојството. Од една страна, нивното настанување е ограничувачко, а од друга, нивниот процес е ослободувачки.“, вели кураторскиот тим.
Биеналето има за цел да го насочи вниманието на стручната и пошироката јавност кон делата на новите имиња од локалната и меѓународната уметничка сцена, да ги поддржи и поттикне креативните иницијативи на уметниците од новите генерации и да создаде услови за нивно јавно претставување и развој на современата уметничка сцена. Покрај тоа што учесниците во проектот имаат можност да создадат врски и да воспостават креативен ангажман со професионалната ликовна заедница, Биеналето обезбедува простор за претставување на современите стратегии на млади уметници и на нови уметнички практики, форми и јазици во повеќеслојните области на уметноста денес. Биеналето ја потенцира и важноста од создавање алтернативен едукативен центар кој генерира знаење, го помага етаблирањето на нови уметници на современата уметничка сцена и ги препознава и развива нивните потенцијали.
Изложбата се реализира со поддршка на Министерството за култура на Р.С. Македонија, и со поддршка на Амбасадaта на Кралството на Шведска во Скопје и Амбасадата на Република Италија во Скопје.