Turlitava.com

„Превртено“ на Игор Иванов-Изи во Кинотека по повод 15 години од премиерата

Во Кинотека вечерва во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Превртено“ на Игор Иванов-Изи по повод 15 години од неговата премиера.

Дебитантскиот долгометражен игран филм на Иванов, „Превртено“ (Upside Down) најпрвин беше прикажан во 2007 година на Интернационалниот филмски фестивал во Карлови Вари, каде што беше во конкуренција за наградата „East of West Award“, а подоцна ја освои и Наградата за најдобра режија на фестивалот во Валенсија – Mostra de Valеncia-Cinema del Mediterrani.

Филмот „Превртено“ ја имаше македонската премиера на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола во 2007 година и претставува еден од последните македонски играни филмови снимени на 35мм лента. Филмот е работен според романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски (кој е и косценарист на филмот). Продуциран е со финансиска поддршка на Министерството за култура на Р. Македонија, Министерството за култура на Р. Хрватска, Министерството за култура на Р. Србија, The Global Film Initiative и МРТВ. Продуценти се „Сектор филм“ – Скопје, Mainframe Production и Cinears.

Повторното прикажување на „Превртено“ по повод 15 години од неговата премиера ќе се случи во чест на починатиот македонски актер Синиша Кајевски, кој во декември минатата година, на 39-годишна возраст прерано го заврши животот. Токму Кајевски ја толкува една од главните улоги во филмот, заедно со Милан Тоциновски, Сања Трајковиќ, Никола Ристановски, Јовица Михајловски, Марија Кондовска, Елена Серафимовиќ, Јордан Симонов, Ѓорѓи Јолевски и Инес Бојаниќ. Споредните ролји ги играат Силвија Јовановска-Стојановска, Петар Мирчевски, Лабина Митевска, Камка Тоциновски итн. Продуцент е Владимир Анастасов, директор на фотографија е Томи Салковски, монтажер е Игор Андреевски, сценографијата е на Иван Бартлинг и Игор Тошевски, костимите на Бланка Будак, а музиката ја компонираше Зоран Спасовски. Копродуценти на филмот се Игор А. Нола и Милко Јосифов.

– „Превртено“ е приказна за Јан Лудвик, млад човек кој ѝ припаѓа на загубената транзициска генерација во нашето општество – генерација родена во социјализмот, но живее и е сведок на рудиментарниот капитализам. Неговиот анархичен став кон животот го доведува до безизлезни ситуации, во кои не може да се реализира себеси. Меѓутоа, додека вистинските анархисти дејствуваат и ја менуваат свеста на својата околина преку акции, Јан можеби знае што не сака, но не знае што сака – момент што го става во позиција на „изгубен лик од нашата околина“, наведуваат од Кинотека.

Exit mobile version