Turlitava.com

Отворена изложбата на Ирена Паскали во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје

Во Домот на култура „Кочо Рацин“ во салонот „КО-РА“ во Скопје отворена е изложбата – мултимедијална инсталација насловена „Moving images in stormy times“ на уметницата Ирена Паскали, која живее и твори во германски Келн.

Изложбата ја отвори Виолета Калиќ, историчар на уметноста и стручен соработник за визуелни уметности во Дом на култура „Кочо Рацин“.

„Ирена Паскали е впечатливо позната веќе со својот израз и е присутна во сферата на визуелната уметност со голем број проекти, најчесто од ангажиран карактер, кои ги реализира со примена на најнеочекувани материјали во компилација со современата актуелна дигитална теника, како во галериски простори, во големите урбани центри, така и во најразлични алтернативни простори, каде се претставува со препознатлив, често провокативен и концептуален израз, со бројни инсталации, просторни интервенции, перформанси и други мултимедијални проекти“, истакна вчера Калиќ на отворањето на изложбата.

Според Калиќ, темата на оваа изложба е посочување на контроверзноста на денешницата, која со секавична брзина се одвива соочена со бројни парадокси, а секвенците се интерпретирани на најразнороден начин во релација со индивидуалната перцепција на поединецот или групата.

„Акцентот е токму на тој релативитет на перцепцијата и интрепретацијата на нештата кои се во релација со севкупниот индивидуалитет на секоја единка одделно, па побудуваат разнородни алузии, асоцијации,  во доживувањето на секој сегмент одделно, како и симболите со кои комуницираат сите цивилизации во генезата, а добиваат и восприемуваат често разнородна конотација во интерпретацијата, примената и употребата. Всушност секоја единка е сублимат на она што го мисли, чувствува, посакува, кон што стреми, како и на сето генетски и културолошко наследство кое го има напластено во својот код, а енергијата која го еманира не дефинира како уникатни суштества“, додаде Калиќ.

Exit mobile version