Turlitava.com

Отворање на групната меѓународна изложба ПЕРИФЕРИИ

Од 25.04.2024 до 27.04.2024 во Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид и Europe
House Струга ќе се одржи групната меѓународна изложба ПЕРИФЕРИИ која настана за време
на триесетдневната резиденција на осуммина меѓународни уметници кои престојуваа во
Охрид во април 2024 година како дел од проектот ПРОСПЕР: ПРОтотип за одржливи
резиденции на ПЕРиферии. За време на престојот тие се сплотија со околината и остварија
интеракција со природата и со урбаното опкружување околу Езерото.

Идејата на резиденцијата беше да се инспирираат уметниците да пронајдат врски помеѓу
нивната авторска практика и кревката околина на Охридското Езеро и неговите жители.
Своите согледувања и инспирации ти ги изразија преку создавање: фотографии, скулптури,
композиции, поеми и интервенции на пронајдени предмети. Траги од нивното креативно
истражување се изложени во рамките на групната изложба.

На изложбата може да се видат делата на: Јара Асмар, Клаудио Беоркија, Јулија Ехлер (Julia
Eichler), Кафар Рзаев, како и перформативно поетско читање на Ката Ѓорфи (во определен
термин).

Делови од програмата се случуваат и на самото Езеро и во неговата околина.

Муралите на Марија Видовиќ може да се видат на повеќе локации во Охрид, а воденото
медитативно звучно доживување на The New Liquidity (Андерс Ехлин и Селма Бошкаило) се
случува на Езерото.

Резиденцијата ја реализираат 5 организации: Перипетија Продукција и ЛДА Струга (Северна
Македонија), ЛУП (Грција), Ехо анимато (Србија) и Ојун (Германија).

Проектот е кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија, како и од
Министерството за култура на Република Северна Македонија. Изложбата ПЕРИФЕРИИ е
реализирана со поддршка на Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид и Europe House –
Струга.

Exit mobile version