Turlitava.com

Објавена новелата „До_адната книга“ од Стефан Марковски

Деновиве беше издадено новото прозно остварување на македонскиот писател Стефан Марковски, новелата „До_адната книга“ на 157 страници во издание на Современост – Скопје.

Дејството во новелата е динамично, со разгранета, сложена и нелинеарно структурирана композиција, подлегнувајќи на постојани и тешко предвидливи пресврти, кои освен што ја одразуваат повеќеслојноста на самата реалност, ја наоѓаат својата улога и како дел од експериментот кој е и централна тема.

Една од главните области на овој истражувачки експеримент е развивањето спефицични облици на вештачкоинтелигентна технологија чијашто цел, покрај другото, е и проучувањето на досадата, наспроти афинитетите и допаѓањата, со цел подлабинско и посеопфатно разбирање на човекот и човечкото.

За книгата, драмската авторка м-р Катерина Момева во освртот пишува: „Преку ироничен дискурс, Марковски ни го претставува демократскиот систем изобличувајќи го до степен на апсурд, еуфоријата од револуцијата како извор на декаденција каде што причините за истата немаат значење – револуцијата не ги јаде своите деца, децата не се ни раѓаат… Важноста на ова книжевно остварување е во постапките со кои целото е создадено, кои се крајно инвентивни и невообичани, во обид да се прекршат некои постулати во книжевноста, а сепак доследно и консеквентно, искреирано со крајно истанчен вкус, со интелектуална префинетост која предизвикува оригинални естетички толкувања. Ова е дело кое во себе ја содржи постапката на расплетување, следејќи ја свеста и процесите што се случуваат кога ти е наметнатa вина, бидејќи наметнатата вина предизвикува понекогаш поголемо страдање од самата вина, докажувањето на невиноста е исто така макотрпен процес. Притоа темата која ја одбира и разработува е многу актуелна, бидејќи во последно време одредени движења за родова еднаквост се фокусирани на жртвата на жената и го исклучуваат мажот како можна жртва, особено на некои општествени движења. Отсликувањето на светот и неговите различни слоеви е изведено преку разни начини на разигрување на егото, суперегото и идот на централниот лик, и самите екстериоризирани во различни облици – еднаш како доктори, другпат како раскажувачи и револуционери по урнекот на Робеспјер, Дантон и Мара. Тој е во полусвесна состојба, па и во несвесна во дел од приказната и нему му е имплантиран чип кој има за цел да ги истражува неговите емоции, а со помош на кој на крајот и ќе ја докаже невиноста. Затоа авторот си дава слобода преку централниот лик и неговата задумност да ја критикува апсурдноста на човековите вредности за животот во секојдневието. Меѓу редовите што ги читаме, авторот исто така се посветил да ги истражи тие методи на напредната наука која во целост сака да има контрола на човековиот ум, но Марковски едновремено преку сите тие научни методи реферира на здравиот разум, односно на последиците од сите тие абнормални процеси на вивисекција на човековата душа и го поставува прашањето дали во желбата да се достигне совршенството треба да отидеме до тие крајности…

Секогаш оригинален во аспектите од кои го толкува придонесот на човековата егзистенција во крајно несовршениот свет, Марковски одново нè соочува со слабостите и доблестите на индивидуата и нејзините размисли за подобро суштествување.“

„До_адната книга“ е дваесетта книга, но и прва новела на Марковски. Според меѓународната стандардизација, прозните дела кои се составени од помалку од 40 000 зборови спаѓаат во оваа книжевна категорија.

Exit mobile version