Turlitava.com

Музичко-сценски спектакл „Фолклорно-класична симбиоза“ на НОБ и „Танец“

На сцената на Националната опера и балет вечер ќе се одржи „Фолклорно-класична симбиоза“, музичко-сценски спектакл на НУ Национална опера и балет и НУ „Танец“.

За прв пат во македонската понова историја, Националната опера и балет и „Танец“ ќе прозвучат заедно, со повеќе од 130 учесници на сцена, во заедничка изведба на симфонизираните антологиски кореографии „Осоговка“, „Малешевка“, „Жетварка“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „Водарки“, како и многу други македонски орски и вокални мелодии од богатиот репертоар на „Танец“.

Концертот ќе се одвива под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ. Настапува оркестарот, хорот и играорниот кор на НУ Танец, како и оркестарот и хорот на НУ Национална опера и балет.

-Фолклорно-класична симбиоза е замислен како музичка фузија на две различни традиции – класиката и фолклорот, вешто преточена во новите аранжмански партитури на Дарко Илиевски (истакнат инструменталист, автор и раководител на оркестарот на „Танец“). Македонската јавност и македонската музичка култура во целост ќе добијат уште едно комплексно дело со врвен уметнички израз, кое на достоинствен начин го чува и унапредува македонското музичко творештво, се наведува во соопштението од Национална опера и балет.

Exit mobile version