Turlitava.com

Мастер клас со Качмарек на „Браќа Манаки“: Воведот на објавата на интернет никогаш не треба да биде подолг 29 зборови

Касија Качмарек (Kasia Kaczmarek) е менаџер за таленти и публицист-специјалист за односи со јавност. Претставувајќи ја ПР компанијата „Emannuel Bates communications“ (Public relations/EBCOMS) со седиште во Лос Анџелес (САД), која има интернационален тим и глобална мрежа на клиенти, таа во рамките на програмата на годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ одржа енергична презентација на активностите во специјализираниот ПР сектор кој e фокусиран на забава, медиуми и комуникации во уметноста и индустријата. Нивната мисија е фокусирање на уметниците зад камерите, вклучувајќи режисери, кинематографери, продуценти, костимографи, сценаристи, композитори… преку реализирање кампањи за наградите на Американската филмска академија ( „Оскар“), „Еми“ и бројни други награди специфични за филмскиот еснаф.

Касија Качмарек низ динамичната презентација ги запозна присутните во Малата сала на Центарот за култура во Битола со нејзините активности во креирањето публицитет и успешно профилирање на филмските професионалци кои се, на некој начин, во втор план кога станува збор за промотивните активности на маркетиншките кампањи на филмските проекти.

Присутните имаа можност да го проследат разговорот преку онлајн видео-врска со Сара Џо Фрејзер (Sarah Jo Fraser), кинематограферка од Австралија, и да го чујат нејзиното искуство. Качмарек на присутните им ги претстави успешните презентации на разни филмски професионалци во специјализираното списание за кинематографери „British cinematographers“.

Како една од поуспешните ПР кампањи во нејзиниот сектор, Качмарек го посочи примерот со успешниот и наградуван австриски филм „7500“ на режисерот Патрик Фолрат (Patrick Vollrath), со посебен публицитет фокусиран на кинематограферот Себастијан Талер (Sebastian Thaler).

На денешната презентација Качмарек ги претстави финесите околу кампањите за, главно, нискобуџетни филмови како австралискиот документарец „Макадам“ („Gravel Road “) на Тристан Пембертон (Tristan Pemberton), потоа талентираната кинематограферка Натали Кингстон (Natalie Kingston) која жнее се повеќе успеси (еден од најновите наслови е „Црната птица“/„Black Bird“/2022). Меѓу активностите со кои Касија Качмарек посебно се гордее во професионалниот свет е и мастер класот со славниот кинематографер Федон Папамихал (Phedon Papamichael), добар познаник на ИФФК „Браќа Манаки“ и добитник на Специјалната „Златна камера 300“ во 2016 година.

Меѓу останатите, Качмарек ги презентираше и успешните ПР приказни фокусирани на кинемаограферот Чарли Сароф (Charlie Sarroff), костимографката Џастин Сејмор (Justine Seymour) и низа други докажани професионалци зад камерата на филмските сетови.

Во продолжение на нејзината презентација Касија Качмарек ги претстави и техниките на креирање интернет страници. Како пример ги посочи строгите норми во креирањето текстови за промотивни сајтови, во кои воведниот дел не треба да биде подолг од 29 зборови, а текстот графички треба да биде подреден в лево, за полесна читливост. Таа ги претстави и потребните чекори во креирање промотивни постови на социјалните мрежи низ примери за нивната фреквентност и содржини.

Exit mobile version