Turlitava.com

Големата пијанистичка ѕвезда Валентина Лисица вечерва на „Охридско лето“

Во црквата „Света Софија“ вечерва од 21 часот продолжува музичката програма на 62-то „Охридско лето“ со концерт на големата украинско-американска пијанистка Валентина Лисица.

Валентина Лисица многумина ја сметаат за првата Jутјуб ѕвезда на класичната музика, но таа е повеќе од тоа. Таа е првиот класичен уметник кој успеал својот интернет успех да го претвори во глобална концертна кариера во некои од водечките концертни сали во Европа, САД, Јужна Америка и Азија.

Валентина своето прво видео на интернет го постира на Јутјуб во 2007 година-снимка на Етидата оп. 39 од Сергеј Рахмањинов. „Прегледите“ на ова видео се зголемуваат прогресивно, по што следат нови објави и на тој начин се поставуваат темелите на кариера на социјалните-мрежи каква што дотогаш светот не памети.

Благодарение на нејзината посветеност кон интернет публиката, Jутјуб каналот на Валентина Лисица денес брои повеќе од 650.000 претплатници и има над 147 милиони прегледи, со просек од околу 75.000 прегледи дневно. Нејзината Спотифај страница има повеќе од милион слушатели месечно.

Exit mobile version