Turlitava.com

Битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ добитник на признанието „Библиотека на годината“

Библиотекарското здружение на Македонија додели признание „Библиотека на годината“ за библиотеката во средното училиште на Гимназијата „Јосип Броз Тито“-Битола и библиотекарот м-р Драган Ристевски.

Според библиотекарот Ристевски, гимназијалците се сé повеќе и поблиску до библиотеката, а признанието се должи и на креативната програма, десетици изложби на различни теми поврзани со книгата и други креативни активности кои како што вели ги забележа Библиотекарското здружение на Македонија.

– Во библиотеката реализиравме повеќе промоции на книги, меѓу кои и на поранешниот словенечки амбасадор Милан Јазбец, организиравме ликовна изложба на познатиот ликовен уметник и академик Васко Ташковски, промовиравме книги на битолски автори и се со цел добар однос кон учениците и се со цел, доближување на книгата до гимназијалците. Можеби нескромно ќе звучи, но наградата е во вистински раце, истакна Ристевски.

Библиотеката на СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола располага со фонд од 21.000 книги, а фондот се зголемува со донации.

– Книги подари семејството на некогашниот директор на гимназијата Душко Алексовски кои донираа повеќе од 1.500 книги, семејството на писателот Анте Поповски додели 1.000 книги, но и други донации кои остануваат во трајна сопственост на библиотеката која е уредена, со амбиент на високо ниво, посочи библиотекарот Ристевски.

Наградата „Библиотека на годината“ во категоријата средно образование, на м-р Драган Ристевски ќе му биде врачена утре во НУ НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Exit mobile version