Најголемиот светски музички магазин, особено влијателен со своите рецензии, британски „Грамофон“ го вброи компакт-дискот „Варијации“ на македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески меѓу најдобрите солистички пијано албуми на годината, а неговата изведба на 2 сета варијации на Бетовен се најде на листата најдобри изведби на дела од големиот германски композитор во 2022 година, информира „КултурОп“.
Тројца мајстори на варијациите како форма – Бетовен, Брамс и Моцарт – ги истражува и очигледно ужива во нив пијанистот Симон Трпчески на овој прекрасен албум, истакнува уредничкиот избор на „Грамофон“.
Албумот во март годинава го издаде британската етикета „Лин Рекордс“, а на својот прв самостоен компакт-диск за оваа издавачка куќа, Симон Трпчески се претставува со дела од Моцарт, Бетовен и Брамс.
„Многу сум среќен што излезе овој албум снимен во време на пандемија, во февруари минатата година во една идилична атмосфера во Берлин, но со многу потешкотии од бројните протоколи и ограничувања за патување. Сепак мило ми е што со вонсериските напори на „Лин Рекордс“ и во тимска работа со „Бехштајн“ од Берлин успеавме да направиме еден многу убав производ под водство на исклучителниот германски продуцент и инженер за звук Инго Петри“, изјави Трпчевски.
Тој појасни дека албумот, наречен „Варијации“, содржи не многу често изведувани дела, дела од кои самите композитори биле инспирирани, Моцарт од примери на неаполската школа на италијанските композитори Сарти и Паизиело, а Бетовен од мотиви на руски теми од чешкиот композитор Пол Враницки.
„Тука се и брамсовите варијации од неговата рана фаза на тема од Шуман, а целиот албум завршува со познатите 32 варијации на Бетовен напишани на своја оригинална тема. Целиот избор на репертоар и насловот „Варијации“ ги поврзав со обединување, обединување на човештвото против злото што го снајде и е еден убав показател дека музиката е универзален јазик кој на најчист можен начин може да ги обедини луѓето, како што тоа го направиле композиторите покажувајќи почит и љубов во поврзувањето на културите“, вели Трпчески.