Turlitava.com

5. издание на Skopje Light Festival викендов во Градски Парк Скопје

Викендов, на 2 и 3 септември ќе се одржи петтото издание на „Skopje Light Festival“. Ова е настан на кој уметниците преку светлосни инсталации, перформанси и видеопроекции, поставени на различни локации низ центарот на градот, ќе ја промовираат својата работа на посетителите.

Темата на овогодинешниот Скопје Лајт Фестивал е рефлексијата која нè поттикнува да ја истражиме светлината, да ја почувствуваме и да уживаме во нејзиниот пат.

На 5. издание на фестивалот ќе учествуваат Рубин Трајковски, Анета Стојчевска, Зоран Тошевски, Бобан Манов, Мартин Димитријев, Т33 креатив енд ко, Ана Трајковска, Кристина Пауновска-Гиразова, Елизабета Тошевска и Перо Кованцалиев и учениците од „Лазар Личеноски“. Ќе има и специјално дизајнирана зона за дружење за посетителите, а музика ќе пуштаат диџеите Бранчез, Зоки Бејбе, Вишко, Сашо-Узун, Томи Бојаџи и Маци Стојановиќ.

„За да одговориме на предизвиците на енергетската криза, а да не го донесеме во прашање одржувањето на фестивалот, ќе имаме само два фестивалски дена. Сите инсталации и перформанси се со ЛЕД осветлување и имаат минимална потрошувачка, а граѓаните на Скопје ќе можат да уживаат во ова културно збиднување исто како сите граѓани на големите европски метрополи, кои и во овие моменти на енергетска криза ги одржуваат фестивалите во полн сјај“, велат организаторите.

Настанот е во организација на ЈУ Универзална сала, финансиран од Град Скопје.

Exit mobile version