Turlitava.com

„Триаголник на тагата“ вечерва го отвора 25. Скопје филм фестивал

Со отворањето на изложбата на плакати по повод 25 години Скопје филм фестивал (СФФ) во галеријата на Кинотеката на С. Македонија, вечерва, со почеток во 19 часот и потоа во 20 часот со проекцијата на канскиот победник „Триаголник на тагата“ започнува јубилејното 25 – то издание на фестивалот.

„Среќни сме што го дочекуваме јубилејното издание на Скопскиот филмски фестивал кој успеа да опстои сите овие години и да го одржи својот континуитет на квалитетни филмски остварувања. И оваа година направивме избор на значајни филмови и ја поканувам нашата публика во петок и во наредните денови заеднички да го прославиме нашиот јубилеј. Од придружните програми ја издвојувам изложбата на плакати за фестивалот, потсетување за тоа како растеше и созреваше Скопје филм фестивал и ние заедно со него, како и одбележувањето на 50-годишнината на серијалот „Кум“на Френсис Форд Копола, програма реализирана во соработка со Кинотека на С. Македонија“, вели Татјана Јаневска, директорка на Скопје филм фестивал.

Фестивалот за своето 25. издание носи разновидна програма и содржини во чии рамки ќе понуди играни и документарни филмови поделени во неколку целини: Програма на светски филм, Фокус на европски филм, Програма на авторски филм и Ретроспективата 50-години „Кум“. Годинава сите филмови ќе бидат прикажани во Кинотеката на С. Македонија.

Во програмата Светски филм на публиката на Скопје филм фестивал ќе се прикажат филмови од најнова продукција: „Вози ја мојата кола“ на јапонскиот режисер Хамагуши, канадско – францускиот филм „Соколово езеро“ на режисерката Шарлот Ле Бон и аргентинско – шпанскиот „Официјална конкуренција“. Од програмата „Авторски филм го издвојуваме најновото остварување на Гаспар Ное „Вртлог“, а тука се уште три филмови во програмат Фокус на европскиот филм: „Корсет“ на режисерката Мари Крацер, „Едно убаво утро“ на Миа Хансен Лов, „Смачено ми е од себе“ на режисерот Кристифер Боргли.

Одбележувањето на 50 години од „Кум“ има неслучајно историско значење. Можеби вака најкратко може да се објасни феноменот на филмот, но, се работи за тоа дека „Кум“ е од оние филмови што се поголеми од историјата.

Во рамки на програмата Кинемода ќе го прикажеме документарниот филм „Мартин Магиела. Со свои зборови“ кој претставува портрет на Маргиела, кого модниот свет го сметаше за еден од најреволуционерните и највлијателни дизајнери во последните 30 години. Проекцијата ќе се одржи во кафе-киното „Котур“, потоа ќе се одржи и разговор на Кристина Глигоровска, модна теоретичарка и главна уредничка на светски познатото модно списание WeAr со гостинката Александра Оленска, модна стилистка и креативна консултантка за модни брендови Tom Ford, Celine, Daks London, Pringle of Scotland, and Vanessa Bruno .

Во четврток (15 септември) во Кинотеката ќе се одржи и промоцијата на книгата „Дух во школка“ на филмската критичарка Сунчица Уневска.

Exit mobile version