Turlitava.com

Скопје од вечерва без вода – Санацијата на главниот цевковод треба да заврши за помалку од 15 часа

Викендот во Скопје ќе помине без вода. Од вечерва пред полноќ, Јавното претпријатие „Водовод“ ќе го прекине водоснабдувањето во поголем дел од општините во главниот град. Причината е санација на дефектот на градскиот цевковод, а вода ќе има само во населбите од левата страна на Вардар. На терен на предвидените локации ќе работат Секторите ЕОК, Механизација и Водовод. Се очекува оваа операција да заврши за помалку од 15 часа, во кои најмногу време се одвојува за празнење и полнење на магистралниот водовод, соопшти денеска ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

„Санацијата на големиот дефект ќе започне вечерва во 22 часот. Главната цевка од водовод ќе биде затворена на локацијата, каде што се наоѓа касарната во Ѓорче Петров“, изјави претставник на „Водовод“.

Од јавното претпријатие „Водовод“ денеска преку соопштение ја информираа јавноста дека е подготвен оперативен план со кој е предвидена прецизна постапка за извршување на овој зафат со цел брзо и ефикасно решавање на проблемот.

Граѓаните, свесни за она што ги очекува, велат дека веќе се снабдиле со вода и направиле залихи, со оглед на тоа што вода за пиење и хигиена нема да има додека дефектот целосно не се санира. Рафтовите за вода во маркетите постојано се празнат и се надополнуваат.

И покрај зголемената потрошувачка, од „Пазарниот инспекторат“ информираат дека не е забележано поскапување.

„Нема промени во цените. Доколку се појават неправилности кај помалите субјекти, ќе постапиме по пријава. Излегуваме на терен и ќе го утврдиме фактичката состојба“, изјави Влатко Стојкоски, директор на Пазарниот инспекторат.

Недостатокот на вода ќе предизвика и проблеми во функционирањето на клиниките. Во Клиничкиот центар, операциите се одложени, а од Министерството за здравство објаснуваат дека ќе се третираат само итните случаи.

Exit mobile version