Денеска православните верници во Македонија и пошироко го празнуваат Св. Никола Чудотворец, еден од најпочитуваните христијански светци и заштитник на децата, патниците, морепловците, сиромашните, учениците, трговците и многу други.
Свети Никола ужива огромна почит не само меѓу православните, туку и кај католиците, а неговиот култ е присутен и кај дел од муслиманското население, особено во денешна Турција, каде што светецот живеел и дејствувал.
Низ Македонија и светот се издигнати бројни цркви и манастири посветени на Св. Никола, а неговиот лик е меѓу најзастапените на икони и фрески. Кај нас, голем број семејства го слават како домашна слава, подготвувајќи посна трпеза, на која традиционално има риба, посни сарми и други посни јадења.
Св. Никола е роден во 4 век во градот Патара, на територијата на денешна Турција. Живеел во време кога христијанството сè уште било единствено, многу векови пред поделбата на црквата. Се упокоил на 19 декември 343 година и бил погребан во Мирликија, а неговите мошти подоцна, во 11 век, биле пренесени во градот Бари во Италија, каде и денес се наоѓаат.
Во народната традиција, Свети Никола е симбол на милосрдие, правда и заштита. Според преданијата, им помагал на сиромашните, ги спасувал неправедно осудените, ги ослободувал робовите и бил постојана потпора за оние што патувале, особено по море.
Поради тоа, Свети Никола се смета за заштитник на морнарите. На многу бродови се наоѓа негова икона, а морепловците го празнуваат неговиот ден со молитва и благодарност. На иконите тој најчесто е прикажан во архиерејска одежда, како симбол на неговата духовна власт и мудрост.
Покрај Зимскиот Св. Никола, кој се празнува денес (19 декември), во православниот календар постои и Летен Св. Никола – празникот на пренесувањето на неговите мошти, кој се одбележува на 22 мај.
Именден денес слават: Никола, Нино, Николина, Коле и сите изведени имиња.
