Денеска православните христијани го одбележуваат големиот празник Богојавление – Водици, денот кога Исус Христос бил крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Со овој настан, крштевањето добива длабоко духовно значење како една од најсветите тајни во христијанството – симбол на духовно раѓање и почеток на живот во верата.
Крштевањето означува нов почеток, очистување од гревовите и влегување во духовниот живот. Затоа кумот се смета за духовен родител, а крстениот – за духовно роден. Со празникот Водици завршуваат т.н. Некрстени денови, како и целиот циклус на зимски празнувања што ги опфаќаат Бадник, Божик, Нова година (Василица) и другите поврзани свечености.
Богојавление се поврзува со личноста на Свети Јован Крстител, наречен и Претеча – оној што Му претходел на Христос. Тој го повикувал народот на покајание и ја најавувал појавата на Спасителот на светот, крштевајќи ги луѓето со вода и сведочејќи дека Оној што доаѓа по него ќе крштева со Свет Дух.
„Јас ве крштевам со вода, но иде посилен од мене… Он ќе ве крсти со Свет Дух и со оган.“ (Лука 3:16)
Овој настан се нарекува Богојавление (Епифанија) – јавување на Бога, бидејќи при Христовото крштевање за првпат јасно се открива Света Троица: Синот во водите на Јордан, Светиот Дух во вид на гулаб и гласот на Отецот од небесата. Во првите векови празникот опфаќал повеќе настани од Христовиот живот, но подоцна биле издвоени и добиле свои посебни датуми.
Самото крштевање значи потопување, симболично умирање на стариот човек и раѓање на новиот, очистен од грев. Според учењето на Светите Отци, Христос се крсти не затоа што имал потреба од очистување, туку за да ги освети водите, да го покаже патот на спасението и да го востанови христијанското крштевање како совршено – со вода и Свет Дух.
Со Христовото крштевање водите се осветени, а и денес, на Богојавление, се извршува чинот на осветување на водата, која се смета за благословена и носител на Божјата благодат – вода на обновување и духовно очистување.
Денес именден празнуваат:
Богдан, Богдана, Божана, Бојан, Бонка, Богомил, Јордан, Јорданка, Данчо, Данка, Даница, Дарин, Јован, Јованка, Јонко, Јонка, Јоана и сите имиња поврзани со овој голем празник.
Честит празник Богојавление – Водици!