Turlitava.com

„МСУ – Скопје ремек дела за сите”, единствен македонски проект, избран од „Фондот за културно наследство на Хедли за Југоисточна Европа“

Од вкупно 46 пријавени проекти, „МСУ- Скопје ремек дела за сите” е единствен македонски проект, избран уште во првиот повик за грантови од „Фондот за културно наследство на Хедли за Југоисточна Европа“ за 2024 година, преку „Балканската мрежа на музеи“ (BMN).

МСУ
Фото: Денис Сарагиновски

Членовите на стручната евалуациона комисија едногласно заклучија дека МСУ- Скопје е еден од водечките музеи во државата и затоа е од суштинско значење музејот да започне со трансформација во насока за подобра пристапност и инклузија.

Во рамките на проектот вклучени се релевантни организации и стручни лица на национално и регионално ниво. Креиран е концепт за спроведување најдобри практики во музеите, кои покажаа сериозни резултати за одржливост.

Фото: Денис Сарагиновски

Според раководителот на проектот Бојана Јанева, кустос во Одделот за едукација и музејско водење, најзначајно во реализацијата на овој проект е што МСУ – Скопје ќе добие стручна „Студија за пристапност“ од врвни советници во оваа област од земјава и регионот, обука на музејскиот кадар за начини на комуникација со различни ранливи групи, како и изработката реплики на дела за лица со оштетен вид. „Музејски куфер“ со тактилните реплики на ремек-дела од колекцијата на МСУ – Скопје ќе биде достапен и за лица кои имаат потешкотии да дојдат во музејот.

Фото: Денис Сарагиновски

„Во обид да добиеме повеќе искуствено знаење за иновативни пристапи и технологии во областа на пристапноста на музејот, минатата година, нашиот музеј започна месечна музејска обиколка наречена „Тури на инклузивност“. Турите ги реализиравме заедно со различни граѓански организации со попречености, за да добиеме повратни информации за проблемите со пристапноста. Оваа повратна информација многу ни помогна да ги идентификуваме клучните точки како да ја подобриме работата на МСУ, што беше иницијална точка за развивање на проектот „МСУ ремек-дела за сите“, вели кустос Јанева.

Во рамките на овој повик, други избрани проекти се и „Проект Beezantium” – Амбели; „The Spyronians Podcast Show” – Карусос Архиви; „Прозорец кон минатото: Индустриското наследство на Зајечар” – SKVER магазин и „Поттикнување на музејски ангажман со млади“ – Асоцијација Културанова.

Exit mobile version