Turlitava.com

За Карлос Марин – Пуштени во продажба картите за концертот на „Ил Диво“ во Скопје

Интернационлната музичка светска атракција, ансамблот „Ил Диво“, оваа година ќе ги одржи своите незаборавни концерти во 60 избрани градови низ светот, меѓу кои секако е и Скопје.

Името на турнејата е „IL DIVO – GREATEST HITS!“ Тоа ќе биде спектакуларен „омаж“ на сите музички арии на популарниот „оперски рок“, уникатен музички израз, кој овој харизматичен ансамбл го негува.

Сите најдобри нумери од нивните „први“ 20 години, колку што постојат, ќе ги има на концертот на 15-ти октомври, кој нашата музичка јавност и љубителите на „Ил Диво“ со нетрпение го очекуваат.

Овој концерт во Скопје, како и целата турнеја, ќе го слави животот и ќе биде почит на прерано починатиот член на ансамблот, Карлос Марин. Марин го одржа својот последен концерт со бендот „Ил Диво“ на 6-ти декември во рамките на новогодишната турнеја закажана во Велика Британија, а како што објавија британските медиуми, тој веќе следниот ден бил позитивен на коронавирусот и бил хоспитализиран во Манчестер на 8-ми декември. Неколку дена подоцна, Марин бил ставен во медицински индуцирана кома и префрлен во Кралската болница во Манчестер, каде што починал на 19-ти декември. Загубата на колега и пријател длабоко ги погоди членовите на бендот, кои сепак решија да одржат концерти во чест на Карлос во 2022 година.

„Карлос беше голема личност, ретка комбинација на неверојатна убавина, глас кој беше дар од Бога и извонреден талент. Тој беше сакан од милиони фанови од целиот свет и ние сме среќни и почестени што можевме да настапуваме со него толку многу години. Неговата живост, пријателство и брилијантен глас многу ни недостасуваат. Во негова чест ќе ја основаме Фондацијата „Карлос Марин“ и ќе му оддадеме почит на неговото пеење на идните настапи. Нека сите го паметат по неговата прекрасна душа, неверојатниот талент и нека почива засекогаш во мир“ – напишаа членовите на Ил Диво.

„Ил Диво“ е група формирана во 2003 година и менторирана од познатиот британски музички и телевизиски продуцент Сајмон Кауел. Иако нивниот почеток не ветувал многу, тие станаа првиот бенд по 20 години кој го повтори успехот на „Led Zeppelin“ кога издадоа албум без ниту еден претходно објавен сингл и беа број еден на топ листите.

Тие влегоа во Гинисовата книга на рекорди во 2006 година за најпродаваниот албум на една меѓународна група.

Како што е наведено на официјалната веб-страница, групата има продадено над 26 милиони албуми ширум светот, 50 пати го достигна првото место, доби над 160 златни награди за најпродавани албуми во над 33 земји и забележа четири светски турнеи кои соборуваат рекорди.

Оттогаш, „Ил Диво“ стана светски лидер во својот жанр и постигна успех низ целиот свет, настапувајќи пред личности како поранешните американски претседатели Џорџ Буш, Бил Клинтон, Барак Обама.

Настанот кој е во организација на „Прагма Продукција“ е најавен како голем спектакл, а влезниците се веќе пуштени во продажба.

Exit mobile version