Ниплпипл (Nipplepeople) од Загреб, Хрватска е еден од најпопуларните електро – поп бендови во регионот. Мистериозното дуо, кое на сцената настапува маскирано во ретро – футуристички костуми, веќе десетина години егзистира на сцената. Вистински куриозитет е што досега имаат дадено само неколку интервјуа за медиуми, а во едното од нив одговориле само со музички броеви. Преферираат публиката превенствено да ја прими нивната музика и сценски перформанс, наместо да говорат за својата музика, која одлично кокетира и со трип – хопот. Нивната песна „Фрка“ е апсолутен хит во последниве години. Уникатниот сценски настап е нивно главно обележје, а битолската публика за прв пат ќе има можност да ги види во живо.
Nipplepeople пред пар години кренаа “фрка” и покажаа како тоа се прави електронска музика.
Инспирирани од песната на легендарната Зденка Ковачичек отпеана во 80тите, ова дуо му даде нов живот на ретросинглот Фрка.
Оваа нумера која беше пред времето и во далечната 1981, ја красеше еден за тогаш исклучително провокативен текст напишан од сега веќе починатата актерка и поетеса Славица Марас. Текстот често пати бил причина да се коригираат изведбите.
Внимавајте, автор на музиката е македонскиот композитор Кире Митрев, по потекло битолчанец и водач на тогаш популарната група КИМ.
Го нарекуваа белградски Македонец, бидејќи многу години од животот поминал таму. Има и свој стаж на музичката академија во Беркли, САД. Тој е еден маестрален џез тромбонист, секогаш баран session музичар и лидер на амбициозно поставениот џез фанк состав КИМ, со кој снимил две многу квалитетни плочи, додека белградската естрада го форсирала развиканиот и комерцијален Оливер Мандиќ.
Петок, на полноќ во Клубот Јагода, ова по многу нешта необично дуо ќе го одржи за прв пат својот концерт во Битола.