Turlitava.com

Фестивалот на џез, ворлд и современа музика во Велес со настани за празничниот викенд

По одличното отворање на Спомен Костурницата, Фестивалот на џез, ворлд и современа музика продолжува со неколку концерти во претстојните 3 дена. Вечерва, четврток 8 септември, ќе го проследиме настапот на „Такси Конзилиум” во Градската пивница „Паб” во Велес.

“Нашата мала меѓуградска такси-превозничка дружина ќе ги прошета исклучените таксиметри до Велес, каде пред публиката на преубавиот нов фестивал ќе ги елаборираме стандардните мудрости на после-полноќната „вожња” и ќе ги презентираме древните тајни на мрачниот и љубов-водачки џез”, изјавуваат од „Такси Конзилиум”. Концертот е со почеток во 20:00 часот, влезот е бесплатен.

Фестивалската програма продолжува на висока нота следниот ден, петок 9 септември, во Театар Ј.Х.К Џинот Велес. Најпрво на големата сцена ќе настапи едно од најнадежните млади музички имиња, Дина Јашари со нејзините другари. Веднаш по неа, следи Сашко Костов со својот бенд. Сашко Костов е мултиеклектичен музичар кој негува интригантен звук, а покрај творењето во театар, на филм и создавањето сопствена авторска музика, соработува и со Горан Трајкоски, „Мугер Фугер”, „Ласт Експедишн” како и неколку странски бендови.

Вечерта, ем музички, ем визуелно, ќе ја круниса настапот на „Едит Поинтс” на паркингот на Театар Ј.Х.К Џинот, со DJ сет и визуелни проекции во реализација на Филип Коруновски и Борче Конзулов, визуелни уметници од Велес.

Годинешното прво издание на Фестивалот на џез, ворлд и современа музика ќе заврши во сабота, 10 септември. Вечерта започнува со концертот на оригиналниот џез квинтет „Бопхедс”, кој обединува македонски џез музичари од помладата генерација. Следни се „Летечки Пекинезери” кои шаренолико творат повеќе од 10 години, претежно инспирирани од свинг звуците од 30-те и 40-те години, а неретко во нивните композиции ќе откриете и сегменти од македонската народна музика. За крај на фестивалската програма на паркингот на Театар Ј.Х.К Џинот, DJ сетот на Шамба и ликвид перформансот со сенки, во изведба на Театар „Сенки и облаци“ од Скопје, ќе ѝ понудат на публиката едно поинакво уметничко уживање.

Билетите за програмата на 9-ти и 10-ти септември може да се купат во Градска Пивница „Паб”.  Деталната програма се наоѓа на следниот линк.

Организатор на фестивалот е здружението „Арт Генератор” кое на креативен начин се бори против неквалитетната културна понуда во градот, истовремено пронаоѓајќи многу истомисленици во велешката публика, па затоа се надева дека Фестивалот на џез, ворлд и современа музика ќе прерасне во една убава традиција.

Главен покровител на Фестивалот на џез, ворлд и современа музика е Општина Велес.

Exit mobile version