Во организација на Здружението Икуалити се одржа дебатата на тема „Проектирање на дигитални алатки за лица од ранливи категории и лица со попречености“, која е дел од проектот СИГНАЛ и има за цел да поттикне решенија во дигиталниот свет за поголема независност и активна вклученост на лица со различни попречености.
Дебатата, која се одржа на 9 април во Домот на култура „Билјана Беличанец“, ги опфати предизвиците на лицата со попреченост во дигиталниот свет, вклучително значењето на технологијата како клуч за подобра достапност на дигиталните и интернет алатки во нудењето јавни сервиси за сите граѓани, како и можните решенија за подобрување на дигитална пристапност во Општина Кисела Вода и можности за репликабилно решение на подрачјето на Град Скопје и пошироко низ Македонија.
„Овој настан е значаен чекор во градењето на поприфатлива и инклузивна дигитална средина за сите граѓани, но пред се за подигање на свеста на службите на кои би сакале да им ја олесниме комуникацијата со лицата со попреченост.“ – изјави Гере Трипков, претседателот на Здружението Икуалити и организатор на проектот.
На дебатата беше претставена алатката AccessiScan за оценување на пристапноста на интернет страните. Стефан Кузмановски, експертот за пристапност на веб и дигитални алатки, ги прикажа функциите на истата, која може да служи на задолжените лица за интернет страните на државните и локалните власти да го проверат нивното функционирање во поглед на пристапноста.
Кристијан Лазарев, како лице со оштетен вид и претставник на заедницата на лица со попречности во државни тела, ги сподели личните искуства и предизвиците со кои се соочуват овие сограѓани во дигиталниот свет, потенцирајќи ја итната потреба да бидат запазени стандардите за пристапност при креирање на интернет страни и дигитални алатки.
„Општина Кисела Вода, преку долгогодишната соработка со Здружението Икуалити, работи посветено и ги поддржува иницијативите за унапредување на пристапноста и инклузивните пракси во сите области. Потребата да работиме на пристапноста во дигиталниот свет е повеќе од потребна, со цел да овозможиме поголема вклученост на нашите сограѓани со попречености.“ – истакна советникот на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Сашо Јованоски.
Во рамки на проектот промовиран е и прашалник за прибирање на мислења и предлози од засегнатата заедница, а во врска со потребите за поголема дигитална пристапност на службите и нивните услуги и сервиси, достапен до 20 април на следниот линк: ПРАШАЛНИК ЗА ПРИСТАПНИ ДИГИТАЛНИ АЛАТКИ.
Присутните учесници, вклучувајќи и лица со попречености и нивни блиски, родители, старатели, асистенти, имаа можност да дадат свои предлози, со цел што подобро да се одговори на постоечките потреби на заедницата и да се посочи на креаторите на интернет страни и дигитални алатки стриктно да ги почитуваат стандардите за пристапност и недискриминација. Меѓу нив се издвои идејата за развој на алатка која би го конвертирала неразбирливиот говор кај лицата со попреченост во јасен и разбирлив говор, со што би им се олеснила комуникацијата и интеграцијата. Дополнително, беа посочени насоки и решенија за трансформирање на говор во толкување на знаковен јазик од аватар или од толкувач во реално време.
Проектот СИГНАЛ се реализира во соработка со Здружението Визија Плус и со поддшка на Општина Кисела Вода. Повеќе информации се достапни на профилите на Здружението Икуалити: Facebook, Instagram и на официјалната веб-страница: Здружение Икуалити.