Turlitava.com

Дали јадењето помфрит навистина го зголемува ризикот од депресија и анксиозност?

Честото консумирање пржена храна, особено пржени компири, може да се поврзе со зголемен ризик од депресија и анксиозност, покажува новото истражување. Но, експертите велат дека наодите треба да се толкуваат со претпазливост.

Ова тврдење доаѓа од студијата објавена во Зборникот на Националната академија на науките, која ја разгледуваше корелацијата помеѓу консумирањето пржена храна и ризикот од анксиозност и депресија.

Истражувачите откриле дека честото консумирање пржена храна е поврзано со 12 отсто поголем ризик од анксиозност и седум отсто поголем ризик од депресија, при што најмногу се погодени мажите и помладите потрошувачи.

Според авторите на студијата, акриламидот – хемиски нуспроизвод при готвење храна на високи температури, може да биде основната причина за поврзаноста помеѓу пржената храна и овие ментални состојби. Имено, предизвикува воспаление во мозокот и ‘рбетниот мозок, а со тоа ги активира овие симптоми.

Консумацијата на пржена храна е вообичаена меѓу луѓето во западната култура, а нејзиното влијание врз физичкото здравје одамна е познато – дебелината, срцевите заболувања, па дури и ракот – е токму поврзано со оваа храна.

Она што, сепак, досега беше помалку познато е како пржената храна влијае на менталното здравје – а токму тоа се обиделе да го откријат истражувачите од Универзитетот „Жеџијанг“ во Кина во новото истражување. Во текот на околу 11 години следење, беа идентификувани вкупно 8.294 случаи на симптоми на анксиозност и 12.735 случаи на депресија. Во споредба со луѓето кои не консумираат пржена храна, луѓето кои ја јаделе редовно се идентификувале како мажи, пушачи и често биле помлади.

Оние кои често јаделе пржена храна имале и повисок индекс на телесна маса, понизок приход во домаќинството и ниво на образование, помала употреба на витамински додатоци и поголем внес на енергија (калории).

Сепак, според нутриционистот Никол Липман, тоа не значи дека треба целосно да се откажеме од помфритот и другите вкусни грицки.

– Не постои единствена храна која е поврзана со долгорочниот развој на депресијата бидејќи тоа е мултифакторна болест со многу различни варијабли кои придонесуваат за нејзино прикажување кај поединецот. Неточно и поедноставно е да се каже дека една храна е поврзана со депресија или анксиозност.

Иако ова истражување предизвикува загриженост, сепак е прелиминарно, а асоцијациите не мора да значат причинско-последична врска, што значи дека може да има и други фактори кои водат до зголемен ризик од анксиозност. Сепак, знаеме дека целокупната здрава и урамнотежена исхрана е корисна за добро ментално здравје – додава Никол, а пренесува „Health“.

Exit mobile version