Рибата е еден од најкорисните избори во исхраната, но одредени видови нудат повеќе придобивки и помалку штетни материи. Благодарение на богатството со витамини, минерали и омега-3 масни киселини, рибата може да ги намали воспаленијата, да го поддржи правилното функционирање на мускулите и нервите и да помогне во намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања како висок крвен притисок.
Експертите откриле кои 4 видови риби е добро да се јадат редовно, бидејќи позитивно влијаат на здравјето на срцето и мозокот.
Лосос – Лососот со право често се наоѓа на врвот на листата на препораки.
– Дивиот аљашки лосос е на врвот на листата. Богат е со ЕПА и ДХА масни киселини кои ги намалуваат триглицеридите, го подобруваат липидниот профил и го намалуваат воспалението. Овие здрави масти ја подобруваат циркулацијата и штитат од оксидативен стрес, придонесувајќи за подобро кардиоваскуларно здравје – објаснуваат диететичарите.
Покрај тоа, лососот содржи големо количество протеини, калиум, витамин Б12 и селен, како и антиоксидансот астаксантин, кој го штити мозокот и може да го забави когнитивното опаѓање.
Сардини – Мали, но нутритивно извонредно богати.
– Мали се, се наоѓаат ниско во прехранбениот синџир и се исклучително богати со ЕПА и ДХА, витамин Д, Б12, калциум и селен.
Бидејќи се ниско во синџирот на исхрана, содржат многу мала количина жива. Честата консумација може да ја намали потребата од додатоци на омега-3, а високата содржина на калциум го поддржува здравјето на срцето и ја регулира циркулацијата.

Харингa – Слична на сардините – масна, ситна и богата со хранливи материи.
– Богата е со омега-3 масти кои помагаат во намалување на крвниот притисок, ги намалуваат воспаленијата и го поддржуваат стабилното функционирање на срцето.
Пастрмка – Со благ вкус, мала содржина на жива и често одгледувана на одржлив начин.
Комбинацијата на омега-3 масни киселини и витамин Д поволно делува на нервните функции, меморијата и расположението. Истражувањата покажуваат дека доволен внес на витамин Д е поврзан со подобра когнитивна функција и помали симптоми на депресија.
Кои риби треба да се ограничат или избегнуваат?
– Сите риби содржат барем траги од жива, но највисоки нивоа има кај големите, грабливи видови како ајкула, сабјарка, кралска скуша и туна со големи очи.
Според американската Агенција за храна и лекови (FDA), рибите со највисока содржина на жива вклучуваат: кралска скуша, сабјарка, атлантски огледалец, ајкула и туна. Кај видовите со низок степен на жива, придобивките од омега-3 масните киселини далеку ги надминуваат ризиците.
Експертите советуваат да се избираат мали, масни риби, да се ротираат видовите и да се бараат одржливи сертификати.





