СВЕТ

Цените на нафтата скокнаа на меѓународните пазари

Цените на нафтата вчера на меѓународните пазари скокнаа над 87 долари, со оглед на тоа што трговците се уште сметаат на закрепнување на побарувачката во Кина, а дополнителен поттик беше само благото зголемување на залихите во САД.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладнето беше повисока за 1,04 долари во однос на завчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 87,16 долари. За исто толку порасна цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 81,19 долари.

Трговците се фокусираа на очекувањата за закрепнување на побарувачката во Кина по ублажувањето на строгите мерки против Ковид, пренесоа агенциите.

Пазарите беа поддржани и од движењата во САД, каде растот на залихите на сурова нафта минатата недела беше половина од очекуваното, за нешто повеќе од 500.000 барели.

Трговците се задоволни и од податоците за растот на американскиот БДП во четвртиот квартал од минатата година за 2,9 отсто, што е повеќе од очекуваното.

Сепак, растот значително забави на крајот на годината, со годишна стапка на раст од еден процент, речиси половина помала од претходниот квартал, бидејќи зголемените каматни стапки ја ограничија побарувачката, пренесува Танјуг.

Експертите проценуваат дека светската економија годинава ќе порасне само за два отсто, според анкетата на Ројтерс, а растот би можел да биде послаб.

Нивните проценки не се во согласност со оптимизмот на пазарите од почетокот на годината, наведува Ројтерс.

Subscribe
Notify of
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
Back to top button
close