СВЕТ

ЕУ ги продолжи санкциите против Русија за уште шест месеци

Советот на ЕУ денеска одлучи да ги продолжи санкциите против одговорните за поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина за уште шест месеци, до 15 септември, соопшти Советот на Унијата.

По 24 февруари 2022 година, како одговор на руската воена агресија против Украина, ЕУ масовно ги прошири санкциите против Русија со цел „значително да ја ослабне руската економска база, да ја лиши од критичните технологии и пазари и значително да ја намали нејзината способност да води војна“ – се вели во соопштението на ЕУ.

Санкциите, како што се наведува, ќе продолжат да се применуваат на 1.473 поединци и 205 ентитети, од кои многу се цел како одговор на тековната неоправдана воена агресија на Русија против Украина.

Советот на ЕУ прецизира дека постојните рестриктивни мерки предвидуваат ограничувања за патување за физички лица, замрзнување на имотот и забрана за ставање на располагање средства или други економски ресурси на наведените физички и правни лица.

„Во заклучоците на Европскиот совет од 9 февруари 2023 година, ЕУ ја повтори својата цврста осуда на руската агресивна војна против Украина, која е јасно кршење на Повелбата на ОН и донесе огромно страдање и уништување на Украина и нејзиниот народ. “ се наведува во соопштението и се додава дека „Русија мора веднаш да ја прекине својата брутална војна“.

Европската унија повторува дека ќе стои до Украина „со непоколеблива поддршка сè додека е потребно, и останува непоколеблива во поддршката за украинскиот суверенитет и територијален интегритет“.

Subscribe
Notify of
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
Back to top button
close