КУЛТУРА

Во Париз се одржува меѓународна конференција за македонистика

Во францускиот главен град Париз на Националниот институт за ориентални јазици и култури започна меѓународна конференција за македонистиката како ретка научна дисциплина. Оваа конференција, следи неколку месеци по одлуката за прифаќање на иницијативата за вклучување на македонистиката во француско-германскиот проект којшто има за цел да ги мапира ретките дисциплини во Франција и Германија, со што македонистиката доби статус со којшто е гарантирана нејзината заштита и зачувување, соопштија од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

Директорката, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска потсети дека Париз бил значаен образовно-научен центар за македонистиката уште во периодот меѓу двете светски војни.

„Таму, во Институтот за словенски студии работеле професорите Андре Мазон и Андре Вајан кои во периодот меѓу двете светски војни имаат објавено капитални дела за македонските дијалекти. Имено и двајцата биле на Солунскиот фронт за време на Првата светска војна и таму се запознаваат со говорите во Леринско и во Костурско (денес во северна Грција, некогаш во популарната Егејска Македонија). Од тука е нивниот интерес за македонистиката и сознанието дека македонските дијалекти треба да се проучуваат и обработуваат како посебна група”, потсети Мојсова-Чепишевска.

Потоа, како што напомена таа, во Париз, ИНАЛКО стана центар на странската македонистика, а Лекторатот во Париз е отворен во академската 1973/74 година и догодина ќе прослави половина век постоење. Денес, во Париз, македонскиот јазик се изучува како главен предмет и македонистиката може да се изучува и се изучува во рамките на сите циклуси академски студии – од лиценца до докторат.

„Имено, во изминатите години се постигнати значајни резултати во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката во Франција, и тоа токму на реномираниот ИНАЛКО и благодарение на упорноста и професионалноста на проф. д-р Фроса Пејовска-Бушро. Се создаваат и нови перспективи за изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, преку вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција.. А оваа меѓународна конференција е и прва од повеќето планирани и во рамките на тој проект“, посочи Мојсова-Чепишевска.

На конференцијата доминираат темите за книжевноста, уметноста, книжевниот превод и издаваштвото. Меѓу другото ќе биде проектиран и филмот за ангелот од Курбиново на Роберт Марто, од 1969 година. Покрај тоа и покрај рефератите и научната дискусија, одделно внимание ќе биде посветено на најновите преводи на дела од современата македоонска книжевност на француски јазик – избор од есеистичкото творештво на Горан Стефановски, „Мојот маж” од Румена Бужаровска и „Страв од варвари” од Петар Андоновски. На овој дел од конференцијата ќе учествуваат и преведувачката Марија Бежановска и претставници на издавачките куќи.

Subscribe
Notify of
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
Back to top button
close