КУЛТУРА

Светска премиера на „Кајмак“ на Манчевски во Токио

Светската премиера на филмот „Кајмак“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски ќе се случи на 35. Меѓународен филмски фестивал во Токио (ТИФФ), кој ќе се одржи од 24 октомври до 2 ноември. Фестивалот во Токио е на А-листата заедно со Берлин, Кан и Венеција, најголем е во Азија и еден од најголемите во светот.

„Кајмак“ во Токио ќе се прикаже во официјалната селекција за награди. Манчевски и дел од актерската екипа на „Кајмак“ ќе продефилираат на црвениот килим во Токио и ќе учествуваат во два разговори со публиката. Манчевски ќе одржи и специјален мастерклас за јапонската стручна публика и за студенти.

Во 1995, Јапонија за првпат виде македонски филм. Манчевски, кој е многу популарен во Јапонија, беше првиот македонски автор кој ги проби границите за македонскиот филм и во Азија. Тој беше во селекцијата на Токио уште со „Пред дождот“ и со „Прашина“, а сите негови филмови се исклучително почитувани. Всушност во Азија, не само македонската кинематографија, туку и името Македонија, како и нејзиното место на светската мапа се директно поврзани со филмовите на Манчевски.

„Кога првиот пат бев во Токио го држев во раце златниот лав од Венеција на Куросава (за „Рашомон“) и видов дека дизајнот на лавот се разликува од мојот – организаторите во Венеција ја промениле формата на трофејот во тие 30-тина години што поминале. Сега одам да проверам дали е сè во ред со лавот од Токио“, изјави Манчевски.

На денешната средба со новинарите, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска изјави:

„Денес, Милчо Манчевски повторно нè носи во Јапонија со неговиот најнов филм, „Кајмак“. Во меѓувреме светот дозна за Македонија преку неговите филмови. Тие ги пренесоа на сите континенти, во стотина земји, убавините на нашата земја, ама – уште поважно – вредноста на македонската култура и македонскиот јазик“, вели Костадиновска Стојчевска.

„Македонија до Токио!“ изјави со насмевка продуцентот Јане Ќортошев. „Со учеството во официјалната селекција на фестивалот во Токио му овозможуваме на филмот еден прекрасен старт и сигурен сум еден навистина богат фестивалски живот. Многу наскоро потоа ќе го претставиме филмот и на македонската публика“.

„Кајмак“ е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот на Манчевски е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.

Македонската премиера на филмот е предвидена за средината на ноември.

Во „Кајмак“ поголем дел од финансиите доаѓаат од странство – 52 проценти се од државните фондови на Данска, Холандија и Хрватска, како и од најреномираниот европски фонд Еуроимаж. Агенцијата за филм на Северна Македонија обезбеди 48 проценти од буџетот, а Македонската Радио Телевизија е копродуцент. Во екипата се вклучени и независни филмски работници од Англија, Италија и Србија.

По сценарио и режија на Милчо Манчевски, во филмот играат: Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

Дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс Фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, една од најискусните холандски продуценти („Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчер во мракот“ на Ларс Фон Трир и „Сè е тоа за љубов“ на Томас Винтерберг). Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ. Извршен продуцент е Иан Прајор од британската Скала Продакшнс.

Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга, дизајнер на звукот Херман Пиете, кастинг директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на култниот Дејниш стринг квартет, а дополнителната музика на Игор Василев-Новоградска.

Главни партнери на филмот се Алкалоид, НЛБ Банка и Виза, и партнерите на филмот Окта, Тиквеш, Витаминка и Дајмонд оф Скопје. Филмот е помогнат од бројни домашни и странски поединци и компании.

 

 

Напишете коментар

Back to top button