КУЛТУРА

Светлината во нашите вени – нова поетска книга од Стефан Марковски

Во издание на Современост – Скопје, деновиве беше објавена „Светлината во нашите вени“, нова поетска збирка на Стефан Марковски. Стихозбирката на 100 страници содржи вкупно 39 песни распоредени во шест циклуси: Светлината во нашите вени, Пријател со времето, Пребирливоста на стихот, Машински метаморфози, Политикологија на дишењето и Бакнежност.

Светлината во нашите вени од Стефан Марковски

За збирката, македонскиот поет и книжевен критичар Санде Стојчевски, меѓу другото, подвлекува:
„…Именките се преобразуваат во глаголи и преземаат трескавично дејство (есента започнува да есенува), бакнежот од себе истиснува именка-двојник и укажува на состојба (бакнежност), обичните лексеми си ги наслушнуваат еуфемиските блискости и ги премостуваат огромните семантички растојанија што ги разделуваат, па пилите и липите, во реалноста намовнати од конфликтност, овде ги гледаме во творителна пермутациска лирска прегратка (пили, липи). Пребирливост на стихот, војување со перото. Технé.

Светлината во нашите вени од Стефан Марковски

Освен ваквиот максимален учинок што се извлекува и од семантичката и од еуфониската кондиција на зборовите, на синтагмите и на посложените реченички споеви, во најновите песни ма Марковски има удвојување на волуменот кој опфаќа најмалку две сфери, реалната и метафизичката. На тој начин се проектира една соновна длабочина, една огледалност, сопоставување на конкретното и апстрактното, на предметот и на неговиот одблесок. Гледајте каква слика, каква сугестија, колкаво ефектно креативно решение на еден конфликт, на една нарогушена стварност во свирепата организација на светот ни нуди оваа поезија. Една воинствена состојба, една потенцијална агресија на пилите врз липите, се присмирува, се притајува, се оддалечува преку нивното повлекување во еден нереален, маѓосен предел, во одразот на огледалото. Таму нив сонето огледало ги двои. Од една страна поетската атмосфера двата субјекта ги доведува во прегратка и на тој начин ги обединува, но истовремено низ одразот на огледалото (но внимавајте, тоа исто така е повлечено од реалноста во психолошките области, значи одразот е удвоен), ги двои. Овде нашиот поет како да се потсетува, како да нè потсетува на оние илуминантни стихови од народната лирика во кои заслепително одблеснува бајковитиот свет на девојката чие огледало коњот го откопува с’ десна нога.

Така е во поезијата, така е со поезијата драги читатели! Таа отсекогаш така работела, така нè пренесувала од с’клетната приземна реалност во прочистените духовни сфери.
Вистинската, побудена поезија.“

Дизајнот на корица е на Александар Митрикески.
Уредник на изданието е Снежана Стојчевска.

Facebook коментари:

Напишете коментар

Back to top button
close