#ТУРЛИТАВА

“Фотографијата ме освои и ми овозможи да ја менувам реалноста” – Интервју со Викторија Златковиќ.

За оваа недела ви ја преставуваме Викторија Златковиќ која се занимава со уметничка фотографија. Со нејзе разговаравме за почетоците, за успесите што досега ги има стекнато, за нејзините планови за во иднина. Подоле прочитајте за што точно ние разговаравме.

–  Која е Викторија Златковиќ?

Викторија Златковиќ е родена во Куманово, 1994 година. Заинтересираноста за фотографската уметност започнува во времето на факултетските години, а посериозно и пристапува на фотографијата откога станува активен член на Фото Клуб „Куманово“.

Вложување во себе е предуслов за успех, без разлика за кое поле на интерес зборуваме. Секогаш сум отворена за добра идеја, мислење, критика или совет. Како актуелен и моќен медиум на изразување, фотографијата ме освои и ми овозможи да ја менувам реалноста, да избегам од неа или пак да ја доловам во нејзиното вистинско светло. Според мене, целосно исполнување е работа во која се напредува, усовршува (се разбира, во опкружување на успешни и инспиративни луѓе). Како моја изразена особина би ја издвоила самокритичноста. Фидбекот на луѓето околу мене за мојот краен резултат, дополнително ме мотивира да дејствувам со уште поголем интензитет од претходно.

– Од кога започна да се занимаваш со фотографија? Како тоа се започна?

Во студенските години на отсекот Историја на уметност, слушав Историја на фотографија. Го сакав предметот, но учев тоа што мене ме интересираше, практичното знаење за процесот на фотографија, правила на кадрирање и осветлување.  Дипломирав со највисок просек во генерацијата 2017/2018 со само една 8ца. Погодете кој предмет? Фотографија.Инаетот некогаш знае да биде корисен.

Подлабоко знаење од областа на фотографијата стекнав по завршување на Фото школата за уметничка фотографија организирана од страна на Фото Клуб Куманово. Една година како се занимавам со фотографија, и на неа пред сè гледам како на нешто што ме исполнува. Сето она што го фотографирам го фотографирам за себе. Ме инспирира секојдневието, разновидна сум во изразувањето. Не се задржувам на одреден стил, истражувам и експериментирам, што е одраз на моето љубопитно и се разбира сè уште неисцрпно фотографско истражување.

– Си учествувала на изложба каде што си освоила и медал.

Последната изложба на уметничка фотографија на која конкурирав е посветена на градот Кратово – град со богата историја и стара архитектура под назив “Кортион” на која учество зедоа 830 фотографи од 72 држави од светот што ја прави „Коритон“ изложба со најголем број на учесници во Р. Македонија. На мое големо задоволство се здобив со златен медал со фотографијата „Neighbourhood“.

Фотографија за златен медал

– На што работиш во моментот?

Членовите на Фото Клуб Куманово, неуморно работат и остваруваат голем број на проекти. Мило ми е што сум дел од овој тим. Деновиве се организираме за обележување на 3 Декември – Меѓународен Ден на лица со попреченост, кој ќе биде проследен со фотографии и фото проекции од дружбата и секојдневните активности на лицата со интелектуална попреченост од Дневниот центар Порака Наша, со кои неодамна склучивме меморандум за соработка.

– Дали јадеш турлитава? И зошто не? 🙂

А што ако ДА 🙂 . Се шегувам. Но, секојдневно конзумирам turlitava.com .

– Дали е добро да се работи со фотографирање во нашата држава?

На ова прашање, најдобро би одговориле искусните фотографи со долго работно искуство. Сепак, како дипломиран историчар на уметноста, сметам дека значајната улога на уметничката фотографија и нејзината вредност во општеството, може да се утврди исклучително преку нејзино запознавање, потикнување на интересот и навиката за посета на изложби, а со самото тоа се случува ширење на македонската култура и уметност. Според мене, тоа е непречен процес и треба да се работи на тоа.

– Која е тајната за добра фотографија?

Би можела да кажам = Фотоапарат + Добро око + Вистински момент. Но, прашањето кое следи е кој е вистинскиот момент?Тајната за добра фотографија се открива со себеоткривање, со истражување, искуство, критики, грешки, продлабочување на знаењето, на техниката и мнооогу други фактори.Кога во главата во милисекунди почнувам да обработувам фотографија од глетката што ја имам пред себе ( имајќи ги во предвид ликовните елементи кои се неопходни за една добра фотографија), тогаш знам дека тоа е моментот што треба да го искористам и фотографирам.  

– Каков фотоапарат користиш во моментот?

Nikon D3300.

–  Дали имаш омилена фотографија од тие што досега ги имаш направено?

Да. Фотографија од едно богато семејство.            

– На кои изложби имаш учествувано. 

Првото излагање на фотографии го остварив на клупската изложбана Фото Клуб „Куманово“. – ТУМБА. Потоа следува интернационалната меѓуклупска изложба на фотографии “Круг“ како дел од манифестацијата “Малински фото фестивал“. Меѓуклупската изложба Жените и фотографијата, Коритон и други.

– Дали ја следиш турлитава и што ќе кажеш за неа?

Има некој што не следи турлитава?! Ако сме позитивно расположени, таквата енергија им ја пренесуваме и на луѓето околу нас. За секојдневие збогатено со хумор и смеа секако, задолжена е турлитава 🙂 .

– Дали имаш партнер? Ако одговорот е ДА, дали тој е фан на фотографијата?

Со поминување на поголем од времето со одредена личност, сосема нормално е присвојувањето на некоја од нивните карактеристики. Со кого си таков си. Тоа е вистината. И покрај различните сфери на интерес, тој стана голем фан на фотографијата.

– Некоја интересна случка што ти се случила додека си фотографирала?

Инспирирана од омилениот документарен филм за уличната фотографка Вивијан Мајер, храбро, но многу неискусно беше моето прво излегување на улица со фотоапарат, каде за среќа избегнав ќотек поради фотографирањето на питачи по улиците во Куманово.

– Омилен виц?

Што е потребно за кавгa?

Ништо+жена. (Се смее)

– И за крај. Кои се твоите планови за во иднина?

Честопати размислуваме за иднината, за сите скроени планови кои чекаат на реализација. Но, тоа не ми е главениот фокус. Иднината е исполнета со многу предизвици и патеки пред нас. Најважното е да си поставиме цел, преку кој може да постигнеме реални промени во животот. Фотографијата е нешто на која би посветила поголем дел од времето во иднина. Се разбира, да бидам истрајна, да ја надоградувам техниката и знаењето преку секојдневно фотографирање.

Слични објави