#МАКЕДОНИЗАМ#ТУРИВАДИ#ТУРЛИТАВАВЕСТИ

Како да ја одберете вистинската козметика за вас – Јасмина Дичевиќ, дипломиран биолог и наставник по природни науки

За рафтовите преполни со примамлива козметика, помалку или повеќе познато – човечката кожа е како жив орган, способна е да ги впива длабоко во себе козметичките препарати што буквално секој ден ги нанесуваме, а дел од нивните состојки ги предава дури и на крвотокот и како такви можат долгорочно да влијаат на нашето здравје. Уште еден податок- од 10500 хемиски додатоци, кои се дозволени во козметичката индустрија во светот, моментално, само 11% се дерматолошки тестирани.

Медицината ги дозволува, но не постојат долготрајни и доверливи студии за нивните негативни ефекти врз нашата кожа. По статистика, една жена во текот на една година нанесува и до два килограми хемиски супстанци на својата кожа и коса, а истите се присутни во козметиката што ја користи… Веледрогерии, супермаркети, аптеки, парфимерии и полни рафтови со стотици различни брендови на сапуни, креми, лосиони, млека за тело, разни серуми, тоници…Сите спакувани атрактивно, со преубав мирис.

Изборот останува на вас и вие одлучувате како ќе ги потрошите вашите пари, но пред да го направите тоа информирајте се подетално што ќе купите и каков ефект ќе има на вашата кожа. Читате на некоја од кремите, којашто е во луксузна амбалажа дека била со путер од какао и арган и на природна база и веднаш ви станува примамливо. Јас во овој случај би ја погледнала декларацијата и би се запрашала најпрво: колкав е всушност процентот на путерот од какао и арган во кремата? Кои конзерванси се ставени во таа крема? Меѓу првите состојки на декларацијата ги читате вазелинот и парафинското масло коешто обожаваат да го наречат минерално масло (и двете супстанци се чисти деривати на нафта добиени преку петрохемиски процеси). Неодоливиот мирис на кремата не е резултат на чисти и природни етерични масла, туку на синтетички добиени мириси наменети за козметика. Стотина хемиски материи во кремата, e арган и путер од какао додадени во трагови. Таквата крема е далеку од природна. Истите грешки се прават и при изборот на сапун. Најголемиот број од понудените сапуни на рафтовите се комерцијални производи, обични детергенти збогатени со вештачки ароми и бои и спакувани во убаво дизајнирана хартија. Таквиот сапун има својство да обезмастува и механички да делува врз кожата, а неретко и да предизвика иритации. Глицеринот што се добива како продукт при сапунификацијата, во овој случај се отстранува од финалниот производ бидејќи истиот е скап и може да се искористи за други цели. Вистинските природни сапуни се добиени преку ладна метода на сапунификација, кадешто во точно одреден сооднос се мешаат природни и ладно цедени масла со жива сода. Глицеринот не се одзема од сапунот, а како додатно во финалниот производ се додаваат витамини, чисти етерични масла, природни ексфолијантни состојки и сл, кои не само што ја разубавуваат кожата туку имаат и ароматерапевтско и лековито дејство.

Оваа статија би сакала да биде само како вовед за сите следни во кои ќе биде подетално прикажано се она што е пожелно да го знаеме од оваа област. Целта е вашата кожа да го добие она што и потребно и неопходно за правилно да функционира и да се знае за каков козметички производ се потрошени вашите пари. Јасмина Дичевиќ, дипломиран биолог и наставник по природни науки.

Слични објави