Треноска: Одбраната ни ја донесе двојната круна годинава

Шампионската титула од втората сезона на Вардар Јуниор лигата во генерацијата 2002/03 во женска категорија ја освои Шампион Вардар. Ова е второ злато за девојките во 2017 година, откако во јануари беа победници и на зимскиот турнир „Еден живот, една љубов” во организација на Ракометната академија Вардар. И во двете финалиња се бореа со истиот противник – Делчево Вардар.

Шампион Вардар беа и единствената екипа која успеа да извојува победа против Делчево Вардар и во регуларниот дел од натпреварите од лигата. Можеби затоа со особен интерес се следеше и дали Делчево Вардар ќе успее по двата пораза, во финалето од лигата да му се реваншира на Шампион Вардар.

За тајната за успехот на шампионките, поразговаравме со нивниот тренер Лина Треноска, поранешен ракометен голман. Нашиот впечаток беше дека главниот адут на екипата во финалето е поврзан со нејзиното искуството на ракометниот терен.

Победивте со гол во последната минута, и потоа го спречивте Делчево Вардар да се реваншира за финалето од зимскиот турнир. Очекувавте ли дека по втор пат ќе ги победите во финале?

Многу сум горда на моите девојки. Работиме заедно една година и се подготвувавме за овој натпревар. Ова беше тежок натпревар, зашто со Делчево Вардар сме речиси изедначени. Секогаш во нашите дуели победуваат нијансите, но на крајот од натпреварите ние секогаш излегуваме победници. Бевме повеќе смирени, не брзавме во нападот. Девојчињата изгинаа на теренот, се дадоа максимално и цела година работевме за ова. Успеаја и турнирот да го освојат. Беа многу мотивирани, решени да ја освоиме двојната круна. На полуфиналниот натпревар имаа тежок меч, особено на почетокот од натпреварот иако потоа успеавме да се одвоиме. Ова се млади девојки, и успеаја да се одморат за финалето да дадат максимум. Ќе повторам дека беа многу мотивирани. Им честитам уште еднаш и ова е огромен успех.

Која е тајната, или начинот да се стане двоен шампион кога играте со рамноправен противник?

Одбраната е нашата тајна. На нашиот тим нападот ни е малку послаба страна, но имаме добра одбрана. А, кога имаш добра одбрана, и нападот си доаѓа сам по себе. Значи одбраната го доби натпреварот. При крајот од натпреварот направив измена и на голманката, и таа ја одбрани последната топка во напад.

Може ли да очекуваме дека и во третата сезона ќе ги гледаме овие девојчиња во Вардар Јуниор лигата?

Следната сезона се враќам со истава генерација 2002/03 девојки и евентуално со 2004/05. Имаме малку девојчиња, но се надевам дека од септември на уписот ќе имаме поголем интерес. Во РК Шампион работиме повеќе тренери и сме поделени според генерациите што ги водиме, си помагаме, и веќе размилсуваме и за следната сезона.

Дали сте задоволни од можностите кои ги дава Вардар Јуниор лигата за развој на млaдите ракометaрки?

Организацијата годинава беше одлична. Не е поентата само да тренираш и да немаш натпревари. Огромна придобивка е што постои лига за децата на оваа возраст да покажат колку знаат и колку напреднале. За нас како тренери натпреварите се многу важни, и самоиницијативно барем еднаш неделно им организираме и пријателски натпревари со други школи кои се дел од Академијата. Тоа е се тимови кои се генерациски постари од нас, но така се учи и така се напредува. Имаме одлична соработка со школите.

Очекувате ли од овие генерации да излезат идни репрезентативци?

Можно е. Девојките се многу пожртвувани, и со повеќе работа и со залагање, можно е. Ние тренираме во населбата Карпош, а овие девојчиња доаѓаат од подалечни населби Лисиче, Хиподром, Аеродром. Значи минуваат низ цело Скопје за да стигнат на време на тренинг. Многу голема сатисфакција е и за мене што ме ценат како тренер и доаѓаат од толку далеку. Од следната сезона планираме и повеќе тренинзи зашто тоа е потребно за победи. А, децата се пресреќни кога освојуваме турнири.

loading...

КОМЕНТАРИ