Светците кои беа ужасно мачени но Божјата рака им ги исцели раните

- Категорија: Религија

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 14 декември.

Денеска е Св. маченици Тирс, Левкиј и Калиник

Светите Тирс и Левкиј беа чесни граѓани на Кесарија Витиниска, првиот беше крстен, а вториот огласен христијанин. А Калиник беше идолски жрец. Кога наследникот на царот Декиј, Кумврикиј, почна беспоштедно да ги мачи и убива христијаните, истапи пред него храбриот Левкиј и изобличувајќи го му рече: „Зошто си се кренал сам против својата душа, Кумврикиј?“ Разјарениот судија нареди веднаш да го бијат и да го мачат и најпосле да го убијат со меч. После мачењето Левкиј одеше да прими меч весело како на свадба. Кога ја виде смртта на храбриот Левкиј, блажениот Тирс се распали со Божествена ревност, па исто како Левкиј истапи пред судијата и го изобличи за злосторствата и за неверувањето во единствениот вистински Бог. И тој беше биен и фрлен во затвор. Невидливата Божја рака го исцели од раните, му ја отвори вратата на затворот и го изведе надвор. Тирс веднаш појде кај епископот Кесариски Филеј и од него прими Крштение. По ова повторно го фатија и го мачеа, но тој ги поднесуваше маките трпеливо како во сон, а не на јаве. Од силата на неговатат молитва испопаѓаа многубројни идоли. Кога го виде ова идолскиот жрец Калиник се обрати во Христовата вера. И тој и Тирс беа осудени на смрт. Калиник го убија со меч, а Тирс го положија на дрвен сандак за да го стружат со бичкија. Но Божјата сила не го допушти ова, па бичкијата не можеше ни да го делне дрвото. Тогаш Св. Тирс стана од ковчегот, Му се помоли на Бога благодарејќи Му за маките и мирно Му го предаде својот дух на Господ. На крајот од 4 век кесарот Флавиј покрај Цариград му устрои црква на Св. Тирс и во неа ги положи неговите свети мошти. Светителот ѝ се јави во видение на царицата Пулхерија и ѝ препорача да ги закопа моштите на Четириесетте маченици до неговите.

Денеска е Св. маченици Филимон, Аполониј и Аријан
Во времето на Диоклецијан некој судија Аријан луто ги мачеше христијаните во Мисир. Па го фати Аполониј и му се закани со маки. Овој се исплаши од маките, па потплати еден музикант, Филимон, да оди преправен во неговата облека и наместо него да им принесе жртва на идолите. Но кога Филимон стапи пред идолите, одеднаш во неговото срце заблеска светлината на христијанската вера и тој се прекрсти. Потоа излезе и почна да вика: „Христијанин сум! Слуга на живиот Бог!“ Кога го слушна ова судијата се насмеа, мислејќи дека Филимон им се потсмева на христијаните. Но потоа Филимон прими страшни маки. Притоа падна дожд од небото и го крсти. Најпосле и Филимон и Аполониј беа убиени со меч од судијата Аријан. Само тогаш и Аријан стана христијанин, бидејќи на гробот на Филимон на чудесен начин си го излечи слепото око. Него царот Диоклецијан го осуди на смрт и заедно со четворица војници коишто исто така се објавија себеси како христијани, беше маченички погубен.
loading...

Слични објави

(ГАЛЕРИЈА) Прилепска гордост: Храмот Св. Петка блеска од убавина во ноќта

Храмот Св. Петка во населбата Точила, блеска во