Промовирана „Сиво сјаат вселените“ од Стефан Марковски

- Категорија: Култура

На 22 декември во сутеренот на Домот на градежниците, во склоп на манифестацијата „Денови“ беше промовирана четвртата поетска книга на писателот и поет Стефан Марковски, добитничка на наградата „Бели мугри“ за 2016-та, традиционална награда на оваа установа за најдобра поетска книга на автор до 35-годишна возраст.

Вовед во промоцијата која се оддржа на денот на раѓањето на големиот македонски поет, револуционер и општествен деец Кочо Рацин претставуваше музичко-поетскиот театар „Ѕвездената љубов на Невен“ посветен на Невенка Вуиќ.

Во образложението за изборот на ракописот „Сиво сјаат вселените“ потпишан од шифрата Облонски 52 како најдобар од пристигнатите на овогодинешниот конкурс, беше потенцирана иновативната и смела употреба на постојано променливи, а развиени метафори, елегантно разигран дискурс и поетско сиже поделено во 7 циклуси кое се голта во еден здив, раскажувајќи ја авторовата животна приказна.

Модератор на настанот беше младиот поет и новинар Филип Димкоски.

Стиховите на Марковски ги интерпретираа Димкоски и Антонио Павловски.

Во преполната сала, Марковски изјави дека му е чест што е добитник на традиционалното признание именувано по една од најзначајните и најинспиративни поетски книги во македонската книжевност и порача дека ќе продолжи да чекори со истиот творечки немир и верба во моќта на поетската реч, чувствувајќи ги поезијата и книжевноста како фундаментален дел од сопствениот идентитет.

Поетската книга „Сиво сјаат вселените“ содржи 23 песни поделени во седум циклуси, има 85 страници и е втора стихозбирка на Марковски објавена годинава, по „In Nomine“ во издание на „Македонска Реч“.

loading...

Слични објави

Утрово не разбуди сонце, значи пред нас е убава и сончева пролет – ова е верувањето за Младенци

Денеска е Четириесет Севастиски маченици – Младенци.  Овие 40-мина