И судиите потврдија: Вардар Јуниор лигата е најдоброто нешто за македонскиот ракомет

Судиите Иво Ѓеоргиевски и Виктор Младеновски, стекнуваат судиско искуство со Вардар Јуниор лигата, а судеа и на натпреварите од зимскиот турнир „Еден живот, една љубов”, но она што нѐ радува е нивниот впечаток дека Ракометната академија Вардар трасира нов правец за развој на квалитетен македонски ракомет, кој недостигаше во изминатите години.

Планирање и реализација на проект кој им овозможува на речиси 700 деца во текот на школската година да одиграат над 300 натпревари, и при тоа сѐ одлично да функционира бара и голема посветеност и беспрекорна организација од Ракометната академија Вардар.

Ангажирање на лиценцирани судии, доктори, записничари, резервации на термини за натпревари, како и навремено да се соберат децата од цела Македонија во неколку сали, е само дел од она што ни се случуваше во изминатите неколку месеци, а зависеше од беспрекорната организација на нашите колеги во Академијата. При тоа, имаше и многу нешта кои не можевме да ги испланираме, како што се емоциите. Насмевките и солзите радосници, но и тагата после доживеаниот пораз. Но, на крајот сите ја напуштаа салата со мноштво спомени и желба пак да се вратат, пак да се докажат.

Можеби и затоа, сега, по завршувањето на втората сезона од лигата се чувствуваме горделиви кога ќе чуеме како учесниците редат убави зборови за проектот, кој, велат, придонесува да се обезбеди иднината на македонскиот ракомет. Особено нѐ израдува што и нашите пријатели кои делат правда на натпреварите го делат ова мислење.

Судиите Иво Ѓеоргиевски и Виктор Младеновски, имаат богато искуство со Вардар Јуниор лигата, а судеа и на натпреварите од зимскиот турнир „Еден живот, една љубов”.

„Кога се суди со помладите категории мора да им се објаснат правилата, да ги информирате зошто така сме пресудиле за побрзо да ги научат правилата, но треба да се има предвид и дека се деца, и треба на некој начин и да ги заштитиме да не се повредат за време на натпреварот. Децата влегуваат со многу емоции и сила на теренот, а сѐ уште немаат доволно познавање за некои техники и правила кои може да ги заштитат. Затоа, ако судиме на помлади категории не секогаш ги оставаме до крај да ја довршат акцијата, ако постои фаул и оцениме дека може и да се повредат, подобро е да се свири порано. Нормално, ако станува збор за постарите категории ги оставаме да ја довршат акцијата, се разбира ако нема прекршок. Со Виктор и двајцата имаме ракометно искуство и знаеме што може да очекуваме на теренот и тоа многу ни помогна да стекнеме искуство како судии”, вели Ѓеорѓиевски.

Дали е поинтересно да се биде судија или играч, според нашите соговорници е важно дали го сакате ракометот и дали ве привлекува судиската работа. А, судиската пасија е начин да се остане на теренот. Но, според Ѓеорѓиевски важно е да се сака професијата и да се одржи професионалниот однос кон натпреварот зашто се среќавате со различни карактери кои може да бидат наклонети и кон инциденти, и можеби на почетокот повеќе им влијаеле, а сега веќе со стекнатото искуство знаат да се снајдат во такви ситуации.

Двајцата се откажале од ракометарскиот дрес поради професионални обврски, но Младеновски, кој бил голман, дообјаснува и дека во периодот кога тие играле можностите за напредок биле ограничени и ако клубот не обезбеди спонзор, се растура и екипата и речиси нема избор за играчите да продолжат во други клубови.

Она што недостигаше во македонскиот ракомет е лига како Вардар Јуниор лигата. Сега имате деца кои од мали нозе се подготвени за натпревар, имаат различна психолошка подготвеност за натпревари од оние кои почнуваа да се натпреваруваат на постари години. Тие деца се потковани со знаење како е да се игра натпревар и при тоа успеваат да ја унапредат техниката и да стекнат значајно искуство зашто играат голем број на натпревари. Ако Ракометната академија Вардар продолжи со оваа динамика, односно организација на голем број натпревари со лигата и на зимски турнири, за пет до седум години ќе се осетат позитивни промени во македонскиот ракомет. Потребни се неколку години за резултатите, но потоа може да се очекува да се појават квалитетни репрезентативци, што е особено значајно за развојот на македонскиот ракомет. И за нас, како млади судии, ваквите лиги се одлична можност да стекнеме искуство и да напредуваме. Како судии мора да бидеме физички подготвени, но искуството кое ни беше потребно за да се усогласиме како судиска двојка, и да стекнеме рутина во носењето одлуки, ги стекнавме токму на вакви проекти. Сега се познаваме подобро и ако партнерот свири, знам зошто тоа го сторил, но, тоа се постигнува само со судење на натпревари. А со децата имаме можност да судиме и прекршоци кои ретко се среќаваат на натпревари со искусни ракометари”, вели Младеновски.

Ракометната академија Вардар под својата закрила има речиси 1900 момчиња и девојчиња кои тренираат ракомет, а меѓу нив на наше задоволство веќе се наѕираат идни репрезентативци.

loading...

КОМЕНТАРИ