Грците продолжуваат да крадат македонски таблици

Пет нови случаи на оштетување и три кражби на регистарски таблички на македонски возила во грчките летувалишта се регистрирани во текот на изминатите два дена, соопшти Министерството за внатрешни работи.

– Во едниот случај во местото Фурка возило марка „шкода фабија“ сопственост на Р.Т. од Скопје“ е оштетено со гребење при што на левата страна од возилото на грчки јазик била испишана паролата „Македонија е грчка“, а во вториот случај во грчкото одморалиште Перфкохори возило марка „хонда акорд“ на С.Ј. од село Василево е оштетено, веројатно со киселина.

Во Ханиоти украдени се двете регистарски таблички од возило марка „опел“ на Д.П. од Тетово. Македонски државјани во грчката полиција пријавиле кражби на таблици и во туристичките места Јерисос  на возило марка “форд фиеста“ и во Амуљани  на возило марка “БМВ“.

– Со овие новорегистрирани случаи, во изминатиот период од страна на нашата гранична полиција евидентирани се 30 одземања, односно кражби на регистарски таблички во кои во повеќето или во 23 случаи се украдени обете таблички. И натаму предничи туристичкото место Ханиоти каде што досега се евидентирани 13 кражби и Неа Пори (5). По однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега нарасна на шест случаи, стои во соопштението.

Од вкупниот број случаи, 22 се пријавени во грчката полиција, но досега македонското МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. Осумнаесет македонски граѓани кои пријавиле кражба или оштетување се од Скопје, а останатите од други места во Македонија.

loading...

КОМЕНТАРИ