Бадник е, врати се…

Бадник пред Божиќ е. Сите дома, сите на трпеза, сите се сакаат меѓусебе. Но, искрено, најискрено. И јас и ти бевме како Бадник и Божиќ. Бевме заедно, делевме лепче со паричка. Ми подметнуваше, ти подметнував. А, денес? Кој ќе се радува на моето наместено париче? Кој ли ќе ми се налути, а тебе да те нема да ме одбраниш?
Бадник е, врати се!
Не е исто…

Знаеш ли дека за Бадник треба да си дома? Од дамнина се вели дека треба да чекаш Христос да се роди. Не се оди никаде, затоа врати се! Местото ти е овде, покрај тие што те сакаат. Ниту по туѓи домови, ниту по други светови, ниту по мисли нечии! Домот е кај што ти е срцето, знаеш. Затоа, врати се. Врати се да бараме паричка, врати се да стоиме околу огнот, врати се утрото со коледарчиња во вид на дете викајќи: „Коледе-леде, паднало греде, утепало деде…!“ Дојди, ќе ти дадам полно торбе коледарско, ќе ти дадам зелниче, јаболче, оревче и костенче, ќе ти дадам неколку денарчиња и ќе ти речам дека божем најмногу од сите поминати деца на врата сум ти дала. Дојди, ќе си купиш нешто со парите, ќе те разгалам како да си мое дете, ќе те погалам и ќе ти речам: „За многу години, синче мое!“
Дојди, Бадник е, треба да си дома.

Мириса на погача и бадниково гранче. Мирно е, а трпезата е полуизедена. Не знам за кого ја чуваме – за Христа или за тебе. Не, Бог нема да се лути, и за двајцата има, ќе рече. Исус знае дека сите ние имаме причина зошто некого немаме. Господ знае што ни е тој: татко, син, брат, роднина, дедо, идол, пример во животот, љубов, сѐ на светов… Знае зошто сме го изгубиле.
Бог нема да праша, само ќе ни даде надеж, верба, бериќет и мир.
Можеби ќе го испрати и гласот до тебе.
Знаеш што треба да направиш, знаеш кој ден е.
Врати се.
Христос ќе се роди.

loading...

Остави кометар

Your email address will not be published. Required fields are marked *